Три српски опозициски партии обединети во „единствена“ Демократска партија

139

Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Заедно за Србија (ЗЗС) на Небојша Зеленовиќ и Социјалдемократската партија (СДС) на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ денес се обединија во единствена ДС.

Трите партии го објавија обединувањето на собирот во „Комбанк“ арената под слоганот “Демократи заедно”, на кој се обратија градоначалникот на Шабац, Небојша Зеленовиќ, Алекансдар Ивановиќ и Зоран Лутовац, кој ги повика „сите демократи заедно да ја изградат ДС и повторно да ја освојат слободата“.

На почетокот на собирот беше прочитан Прогласот за обединување во кој се наведува дека е потребно обединување на демократските сили на јасна идеолошка платформа.

Во Прогласот се наведува дека целта, меѓу другото, е борбата за европските вредности, владеењето на правото, независното судство, почитувањето на законот, регулиран правен амбиент, добрососедските односи и мирот во регионот.

Лутовац порача дека вратата на „новата“ Демократска партија ќе биде отворена и за други партии, здруженија, движења и поединци, со цел да се реализира силна политичка организација која ќе се залага за демократските вредности.

На собирот во Белград, меѓу другото, беше усвоена и Декларација за заедничка борба за европските вредности, влез на Србија во ЕУ и враќање на киднапираната слобода.

Инаку, и Заедно за Србија (ЗЗС) и Социјалдемократската партија (СДС) настанаа со отцепување од ДС.