Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци освои три награди на Меѓународниот куклен фестивал во Подгорица, Црна Гора кој се одржа од 31 август до 4 септември.
Жири комисијата предводена од драматургот и режисер Горан Булаиќ, заедно со Алек Радиќ и Владимир Лазовски – членови, на „Роња, ќерката на ограбувачот“ ѝ ги додели наградите: Гран при за најдобра претстава, Наградата за најдобра режија и Наградата за актерско мајсторство за Матеа Јанковска.
Режијата и драматизацијата на претставата се на Јакуб Максимов, а е работена според истоимениот роман од Астрид Линдгрен.
Во претставата настапуваат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов. Драматург на претставата е Горјан Милошевски, а сценографијата, дизајнот на куклите и на маските се дело на Олга Зјебињска од Полска, која ги изработи и костимите. Композитор и корепетитор е Лазар Новков од Србија.