И покрај скандалот, компанијата „Еко клуб“ продолжува да работи. Оттаму вчера во „Дрисла“ за уништување пристигнале три камиони со медицински отпад, но овој пат тој бил соодветно третиран и спакуван во жолти картонски кутии, ова го изјави Шилегов, кој заедно со министерот за животна средина, Насер Нуредини, беше на лице место да ја види печката во „Дрисла“ каде што се гори медицинскиот отпад
Компанијата „Еко клуб“ продолжува да работи и покрај скандалот што вчера на јавноста и го откри градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Имено, Шилегов објави фотографии и видео од кои се гледа дека при вонреден и ненајавен инспекциски надзор, пред 50 дена, во погоните на оваа фирма во Скопје е откриено дека опасниот и инфективен медицински отпад бил несоодветно транспортиран и третиран и на лице место биле забележани расфрлани човечки остатоци и крв кои ги јадело едно куче.
– Од фирмата „Еко клуб“ вчера во „Дрисла“ за уништување пристигнале три камиони со медицински отпад, но овој пат тој бил соодветно третиран и спакуван во жолти картонски кутии – ова го изјави Шилегов, кој заедно со министерот за животна средина, Насер Нуредини, беше на лице место да ја види печката во „Дрисла“ каде што се гори медицинскиот отпад.
Тој потсети дека во јавното претпријатие „Дрисла“, кое деновиве премина под ингеренции на Град Скопје, се врши внатрешна ревизија на работењето и посочи дека в.д. директорот Коста Начевски, по неговото именување, утврдил, меѓу другото, дека имало случаи луѓе да примаат плата иако не доаѓале на работа.
– Изминативе две недели откако сум назначен навлегувам во суштината на работењето на депонијата. Притоа ги користам сите човечки ресурси за да ги откриеме сите сомнежи што тука се случувало, а веќе имаме и сознанија за некои работи што се правело со отпадот – рече Начевски.
Вонреден инспекциски надзор на „Еко клуб“ – Битола изврши Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму велат дека од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) бил извршен на 12 декември 2019 година каде што со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно со законските прописи и издадените дозволи.
– По сознанието на Инспекторатот на Град Скопје, на барање на Министерството, ДИЖС е во моментов на вонреден увид на локацијата повторно, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана. Оттаму ги повикуваме граѓаните да пријават дејствија со кои се загрозува животната средина. Сите државни инспектори по завршување на работното време (8:30-16:30 ч.) се во пасивно дежурство во случај на вонредни состојби, односно вонредни инспекциски надзори, како и за ненајавени инспекциски надзори ноќе или за време на викенди – велат од МЖСПП.
За случајот со скандалот со „Еко клуб“ е запознано Основното јавно обвинителство и веќе таму постапуваат по случајот и предметот се наоѓа во предистражна постапка. Министерот Нуредини нагласи дека ако ОЈО покрене истрага, тогаш, рече ќе се искористат сите законски можности за преземање некакви дејствија против „Еко клуб“.
– Ќе ги погледнеме лиценците за работа на фирмите кои вршат третман и транспорт на медицински отпад. Ги охрабрувам инспекторите да си ја вршат работата, а инспекцискиот совет да ги координира бидејќи со заедничка соработка можеме да ги најдеме решенијата – нагласи Нуредини.
Инаку, компанијата „Еко клуб“ е поврзана со унгарскиот почесен конзул од Битола Сашо Јанакиевски, кој е познат битолски бизнисмен. Тој за медиумите изјави дека повеќе не е сопственик на мнозинскиот капитал во „Еко клуб“ и дека сопственик на 60 проценти од фирмата е германска компанија, која деновиве ќе имала прес и ќе ја разјасни состојбата.
Овој случај денеска го искоментира заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, и рече дека „Дрисла“ требала, но не направила инсталација што ќе произведува РДФ алтернативно гориво.
– За да немате купишта отпад, тој да се обработи и тие купишта да ги нема, бидејќи тие купишта отпад ја загадуваат почвата и воздухот, туку да ги обработите и од домашни извори помалку да се извезува и повеќе да се искористат како ресурси, а со тоа да се остварат принципите на циркуларната економија. Во А интегрираната дозвола и во Оперативниот план, МЖСПП и даде обврска на претходниот состав на „Дрисла“. Бидејќи не ги исполниле условите да влезат во креирањето на изградба на инсталација за преработка која генерира РДФ алтернативно гориво, дел од тоа беа причините зошто и се одзеде дозволата – посочи Макрадули при посетата на градинката „Панорама-Водно.
Костадинов ја поврза фирмата со опасниот отпад со Груевски, ВМРО му пушти песна од „Рибја чорба“
Скандалот со опасниот отпад денеска го искоментираа од партијата СДСМ. Додека портпаролот на партијата Костадин Костадинов пред седиштето на ВМРО ја поврза фирмата со медицинскиот отпад со Никола Груевски, од централниот штаб на ДПМНЕ му пуштија песна од „Рибја чорба“. Костадинов на тоа реагираше дека опозиционерите наместо да решаваат проблеми, пуштаат песни.
Експресно преку „Фејсбук“ му одговори и екс премиерот Груевски, истакнувајќи дека не го познавал Јанакиевски.
– Најсмешниот дел во целата ситуација е што СДСМ изгубени во времето и просторот, мене и ВМРО-ДПМНЕ не прогласуваат за виновни за нешто што ним како власт им се случило откако се три години на власт. Нешто што не се случило во минатото, а се случило сега – напиша Груевски на „Фејсбук“.
(С.Бл.) – фото: Н. Батев