Три илјади евра за добитникот на музичката награда „Милан Младеновиќ“

56

И убави пари и учество на „Егзит 2024“ во Нови Сад!

Конкурсот под слоганот „Пријави ја твојата песна“, ќе трае сè до 31 мај. Право да се пријават имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија

Стручното музичко жири и оваа година ќе го избере добитникот на музичката награда „Милан Младеновиќ“, а која ќе се додели на 21 септември, на денот кога е роден фронтменот на култната рок-група „Екатарина Велика“.

Наградата постои со цел да се поттикне музичкото творештво кое се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Младеновиќ. Се доделува за најдобрата песна во текот на годината. Во конкуренција влегуваат младите музичари од поранешната Југославија.

Во 2022 оваа награда ја доби македонската пејачка Дина Јашари на церемонијата во Белград, Србија. Минатата година доделувањето се одржа во хрватскиот град Макарска, а Јашари му ја додели наградата на новиот победник, групата „Љубичице“. Годинава, жирито е во состав: Ања Рупел од Словенија, Дубравко Јагатиќ и Макс Јуричиќ од Хрватска и Никола Врањковиќ и Светлана Ѓоловиќ од Србија.

Конкурсот под слоганот „Пријави ја твојата песна“ ќе трае се до 31 мај. Право да се пријават имаат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија, секој на свој јазик. Апликациите се праќаат преку формуларот кој го има на веб-страницата milanmladenovic.com

Главната награда е 3.000 евра, а победникот ќе биде воедно и учесник на годинешниов фестивал „Егзит“ во Нови Сад, на почетокот на јули.