Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ во Младинскиот културен центар од денеска до сабота со почеток од 19 часот ќе ја реализира програмата „Музичка култура“. Се работи за серија од три настани посветени на тројца домашни електронски музички продуценти. Програмата започнува вечерва со Дева (Виктор Ирвин Иванов), утре е Мирко Попов, а в сабота – Роботек (Горан Атанасовски). Виолета Качакова со нив накратко ќе разговара, по што ќе следува настап во живо со нов материјал. Настаните ќе се пренесуваат онлајн преку социјалните мрежи на „Локомотива“ и Младинскиот културен центар.
„Трите настани се посветени на тројца современи македонски автори од различна генерација, чија работа се движи на линија помеѓу светската и локалната, автохтона култура во полето на електронската музика. Секој настан ќе почне со краток разговор во кој ќе се запознаеме со авторот, неговото творештво и актуелен процес на работа, но и со можностите за креација и настапи на независните музичари кај нас, особено сега – во пандемски услови“, соопштија од Локомотива.
Дева – Виктор Ирвин Иванов
Дева е мистично музичко искуство, кое тежнее да ве воведе во состојба на езотеричен транс произведен од примордијален ритам, антички дитирамби и сурова синтетика. Ова е музички проект на Виктор Ирвин Иванов, кој се занимава со музика, публицистика, промотерство и фотографија.
Мирко Попов
Роден е во 1972 во Скопје. Купува плочи и внимава на музика уште од почетокот на осумдесеттите години. Тој е првиот македонски интернационален диџеј, а професионално се занимава со тоа од 1992. Континуирано е активен на култното скопско радио „Канал 103“ од 1992, каде што е главен и одговорен уредник помеѓу 2008 и 2010 година. Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Во 1995 го формира PMG Collective како манифест на акцијата што треба да го победи незадоволството од актуелната културна состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции и музички револуции. Во 1998 ја формира „ПМГ Рекордингс“ независна македонска дискографска куќа со повеќе од 200 изданија, која низ времето ја прошири својата дејност со вклучувањето на уште 3 подвидови (PMG JAZZ, PMG Tanz Digital, Makedonide). Има снимено и издадено 15 албуми со своите 3 проекти: PMG Kolektiv, Kanton6, Makedonide Crew и 2 со легендарниот скопски џез-бенд Sethstat (еден студиски и еден во живо албум). Режисер/продуцент е на 50-ина видеоспотови. Сценарист/продуцент на еден музички документарен филм „103 Љубовно писмо до алтернативната култура“ и автор на видеофилм „До небото замок“. Настапува како актер и пишува музика за театар и филм. Режирал радиодрама. Автор е на книга „Монографија: 20 Години те сакам“.
Роботек – Горан Атанасовски
Кога зборуваме за автентична, современа македонска електронска сцена, зборуваме за Роботек. Тоа е човекот што прв се искристализира како препознатлив артист и продуцент, не само на домашната, туку и на регионална сцена. Од неговите Atari почетоци во средината на 90-тите, па сè до софистицираната продукција 20 години подоцна, тој секогаш е оригинален и свој, безмалку легендарен бренд. Со 5 студиски албуми и безброј е.п. и сингл-изданија за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“, тој е еден од водечките артисти на електронската сцена кај нас. Освен со неговата музика, тој е и еден од најбараните диџеи во регионот.