Три билетарки “го одрале“ ЈСП – “лапнале“ пари колку за десетици автобуси

Обвинителството побара мерки на претпазливост

66

Обвинителството од Скопје поднесе обвинение против три вработени во ЈСП поради сторено кривично дело, проневера во службата. Две од обвинетите кои работеле како билетарки, една кај Зелен пазар, а другата кај градскиот трговски центар, не го уплаќале целиот паричен износ од продажбата на билети и за себе прибавиле корист од повеќе од 376 илјади евра. Третата обвинета која била сметководител ги сокривала трагите за да може сметководството да ги оправда и покрие неуплатените пари од дневниот пазар.

,,Трите соизвршителки, во временскиот период од 01.12.2018 година до 05.08.2021 година, со умисла извршиле повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Тие заеднички, како одговорни лица вработени во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, со намера да прибават за себе противправна имотна корист, присвоиле пари доверени во службата во вкупен износ од 23.133.245 денари, што претставува значителна имотна корист. Две од обвинетите, продавачки на билети на продажните места – билетарници „Зелен пазар“ и ГТЦ уплаќале помалку парични средства наплатени во готово, додека третата обвинета, самостоен референт-сметководител во Одделение за сметководство-Сектор за финансиско работење  во ЈСП, иако знаела дека паричните средства не се уплатени и раздолжени, сметководствено вршела докнижувања, прекнижувања, исправки и други книговодствени дејствија без документација, за да може сметководствено да ги оправда и покрие неуплатените готови пари од дневниот пазар,, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител од судија на претходна постапка побара определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетите да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање.