Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити го потпиша првиот Договор за јавна набавка со избраниот најповолен понудувач за набавка на мерни инструменти за далечинско отчитување со инсталација и конфигурација на опрема за отчитување, во општина Кавадарци. Договорот е во висина од 300.000 евра и истиот ќе биде со времетраење од 12 месеци од денот на потпишување.

Со ова и официјално започна имплементацијата на проектот „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија“ за кој средствата во висина од 55 милиони евра се обезбедени преку заемот од Европската инвестициска банка.

Со заемот се опфатени сите општини кои со свои приоритетни проекти аплицираат до Министерството за нивна реализација. Имплементацијата на проектот за подобрување на водната инфраструктура се одвива со забрзана динамика и во наредните денови се очекува да бидат потпишани договори за јавни набавки со најповолни понудувачи за извршување на работите во уште неколку општини во државата.