Трипуновски: Агенцијата за стокови резерви ќе набави 15 илјади тони пченица исклучиво од македонско производство

32

Агенцијата за стокови резерви ќе набави 15 илјади тони пченица исклучиво од македонско производство, нема да бидат од увозен карактер, најави попладнево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски по одржаната средба со претставници од здруженија на земјоделци и откупувачи на жито.

Министерот информира дека Владата на вчерашната седница на Влада беше стопирана одлуката за објавата за набавка со цел, како што рече, „да се сменат сите правила на игра за македонската пченица да биде таа што ќе биде откупена“. Дополнително, Трипуновски соопшти дека ќе го продолжат рокот на мерката за складирање на пченица и јачмен со цел сите она што ќе го продолжиме како мерка за да излеземе во оваа тешка ситуација е да ја продолжиме мерката за складирање на пченица и јачмен со цел сите земјоделци кои не ќе можат или нема да сакаат да ја предадат пченицата, да им се овозможи да ја складираат и овој трошок ќе го покрие државата.

-Ќе го следиме процесот на жетва и на откуп на лебното жито. Ситуацијата во моментов која што ја наследува Министерството е релативно тешка, меѓутоа она што е многу битно а тоа е по завршување на оваа жетва ќе работиме на структурни промени со цел идната реколта 2025 да немаме вакви проблеми и секоја година во текот на жетвата се решаваат ситуациите и се дефинираат цените. Тоа значи структурни реформи кои што ќе бидат на пиедестал земени земјоделците, рече Трипуновски.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска нагласи дека како организација ќе лобираат во иднина да се почитува договореното производство, односно Законот за земјоделство и рурален развој. Потенцира дека ќе ја следат целата ситуација при откупот на пченица и согласно анализите од нивните членови ќе донесат препораки во иднина како да се делува стратешки за да се зачуваат пченицата и јачменот кои ни се неопходни.

-Сите знаеме дека Македонија може да произведува храна и ние тоа треба да го направиме за сите култури, а особено за лебот. Ќе се залагаме за навремена исплата на субвенциите, ќе лобираме заедно со откупувачите за повисоки цени не само за пченицата туку и за сите земјоделски култури, рече Мојсовска.

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора рече дека тие како групација откупуваат по пазарни цени и соопшти дека максималната цена на пченицата во моментот што е понудена на пазарот изнесува околу 12 денари. Потенцира дека го поддржуваат Министерството во напорите за во иднина да се направат напори како би се заштитиле земјоделците, да се изнајде најдобар начин, во програмата и која програма ќе донесе поголем род и поголем квалитет во иднина.