Тринаесет пречистителни станици ќе добијат решение за енергетска ефикасност

40

Со помош на Европската банка за обнова и развој за 13 пречистителни станици за отпадна вода се понудени решенија за енергетска ефикасност изработени во рамки на Студијата за предизводливост финансирана од ЕБОР. Министерката за животна средина, Каја Шукова вели дека со оптимизација и модернизација на пречистителните станици, постои вкупен потенцијал за заштеда на енергија за повеќе од 9.400 мегават/часови и намалување на емисиите на јаглероден диоксид повеќе од 16.000 тони на годишно ниво.

– Изградба и функционирање на пречистителните станици се обврска. Не треба да размислуваме дека нивното одржување значи значителен трошок, туку мора да размислуваме како нивната работа да биде поефикасна и како да ги намалиме трошоците – вели Шукова и додава дека во Министерството за животна средина е формиран тим за оваа работа.

МЖСПП и ЕБОР на почетокот на 2021 година започнаа процес на изнаоѓање на енергетски ефикасни решенија за подобрување на оперативните трошоци и работењето на пречистителните станици за отпадни води во Македонија, при што беше ангажиран независен консултантски тим, финансиран од ЕБОР.

Тимот имаше задача да ги истражи и идентификува потенцијалните можности за користење на енергетски ефикасни решенија и обновливи енергетски системи на 13 пречистителни станици за отпадни води во Македонија, при што се изготви предфизибилити студија и финален извештај, според кој со примена на енергетски ефикасни мерки и имплементација на адекватни обновливи енергетски системи, вклучувајќи и дополнителна оптимизација и модернизација на процесот, постои вкупен потенцијал за заштеда на енергија повеќе од 9.400 мегават/часови и намалување на емисиите на СО2 повеќе од 16.000 тони годишно.

За таа цел, на состанокот експертскиот тим на ЕБОР ги презентираше добиените резултати од изработената предфизибилити студијата  и идентификуваните предлог-мерки за унапредување на ефикасноста на функционирањето на ПСОВ во Република Северна Македонија. Присутните претставници од Општините/Комуналните претпријатија од Прилеп, Кочани, Македонски Брод, ЈП Колекторски систем Скопје (надлежен за Охрид и Струга), Струмица, Гевгелија, Дојран, Куманово, Ресен, Радовиш и Берово имаа свои излагања за моменталната состојба на работењето на пречистителните станици, проблемите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, како и предлог-мерки и начини за надминување и унапредување на работењето.