Тринаесет европски земји лобираат за датум во јуни за Македонија

210

Министрите за надворешни работи на Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Унгарија и Бугарија, како и на Италија, Малта, Австрија, Хрватска, Словенија, Полска и Словачка денеска во заедничко соопштение ги повикаа членовите на Европскиот совет да донесат одлука за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија овој месец. Според министрите на 13 те европски земји – членки на ЕУ бараат во јуни Северна Македонија и Албанија да добијат датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Според нив, од суштинско значење е да се обезбеди севкупен напредок во регионот.

Воедно тие ја потврдуваат нивната континуирана поддршка за Западен Балкан, бидејќи, како што наведуваат, процесот на проширување на ЕУ има позитивна трансформативна моќ во регионот и претставува инвестиција во мирот и стабилноста во Европа. Според нив, од суштинско значење е да се обезбеди севкупен напредок во регионот.

-ЕУ треба да ја исполни својата недвосмислена определба за европската интеграција на Западен Балкан. Не постои „план Б“. Со оглед на важноста на нејзината одлука за иднината на сите држави и народи во Европа, ги повикуваме членовите на Советот да преземат далекосежни, храбри одлуки во јуни, со што ќе се промовира континуиран напредок во реформите во согласност со стандардите и вредностите на ЕУ, како и зајакната регионална соработка, помирување, добрососедски односи и клучна поддршка за неповратниот мир, стабилност и развој на регионот и нашиот континент. Пред Советот за општи прашања во јуни, апелираме до сите носители на одлуки во ЕУ да го задржат и консолидираат позитивниот импулс со отворање на пристапните преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија“, се наведува во заедничкото соопштение објави РСЕ.

Отпочнувањето на преговорите, како што се истакнува на крајот од соопштението, ќе им овозможи на двете земји уште повеќе да се фокусираат врз неопходните реформи, додека ЕУ ќе добие важна алатка за надгледување на нивниот индивидуален напредок.

Министрите порачуваат и дека тоа ќе послужи како важен мотивирачки фактор за целиот регион и ќе биде победа и за земјите и за ЕУ, а исто така ќе придонесе за зајакнување на отпорноста кон надворешни, штетни интереси од други актери, а ЕУ и натаму ќе остане водечки играч за позитивна регионална трансформација.