Прва седница за пратенички прашања од формирањето на Владата, во фокусот се најдоа прашањата од страна на пратениците од опозицијата – за сертификатот за положениот испит по англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за Бехтел и Енка, бугарската самосвест на министерката Сања Божиновска…
На почетокот на седницата, пратениците од албанската опозиција, изведоа протестен чин, излегоа со транспаренти на кои беше напишано „Да Европа, Не Русија“, „Без етничка припадност, нема Охридски договор“ и „Рацете подалеку од албанскиот јазик“. Пратениците на ДУИ ги држеа транспарентите додека од говорницата зборуваше премиерот Христијан Мицковски. Претходно Мицковски објави дека добивал СМС пораки од високи функционери на ДУИ кои нуделе пазар за влез во владата „Јас можам да ви покажам СМС-пораки од високи членови на вашата политичка партија (обраќајќи им се на пратениците од ДУИ) како ми праќаат пораки дека тоа што Вреди, нашиот коалиционен партнер, го има во Владата, доволно е пола за ДУИ само за да влезе во Владата“, им се обрати Мицкоски на пратениците од ДУИ од собраниската говорница.
Прв со прашања до премиерот на говорницата излезе лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, го праша Мицкоски, кој му е планот за излегување од ќор-сокакот со евроинтеграцијата, потоа зошто се исмејувал со коридорите 8 и 10 и со инвеститорот „Бехтел и Енка”, а отишол да се слика на почетокот на проектот и како трето и очекувано за јавноста прашањето за скандалот со фалсификуваното уверение за познавање на англискиот јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Филипче го обвини премиерот дека ги излажал гласачите и побара од него да го врати мандатот.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете „Северна“, ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и со гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Она што е важно да го знаат граѓаните, е дека вие, господине Мицкоски, го признавте успехот на целата политика на СДСМ во однос на стратешките прашања и решавањето на споровите. Секако, ниту имате доблест, ниту честитост, тоа да го признаете“, рече Филипче и му порача на својот политички ривал – „Вие го запревте возот, го запревте процесот кон ЕУ, а немате право за тоа. Ако не преземете нешто, возот ќе отиде во провалија”. Реплицираше премиерот и ја повика опозицијата да се проверат на избори. „Немојте да мислите дека со вакво прашање ќе нè засрамите и ќе добиете некој поен. Ако сакате да водите лидерска политика во опозиција, не дозволувајте тие околу вас да ве санкаат и да ве однесат во длабоко“, рече Мицковски и обелодени дека дипломати во Брисел му порачале дека тие за нас се бореле повеќе од нашето (претходно) водство“.
За прашањето за „Бехтел и Енка“, Мицкоски кажа дека коридорите 8 и 10 биле дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и оти можеби биле и во програмата на СДСМ, но дека тоа што СДСМ го направиле со „Бехтел и Енка“ било срам за тогашниот министер Благој Бочварски и за тогашниот премиер Димитар Ковачевски.
„Ви се смееја од ДУИ, играа фудбалчиња. Носевте овде срамни закони, неевропски. Да, бевме против и уште сме. Стоеја над 350 милиони долари потрошени, а ни милиметар од коридорите не беше изграден. Требаше да излеземе и да платиме пенали уште неколку стотици милиони? Не, излеговме и означивме расчистена траса за да почне да се гради”, одговори Мицковски.
На прашањето за фалсификуваниот сертификат на директорот на АНБ, Мицкоски на масата од првиот ред каде шо седат пратениците од опозицијата им остави испринтани уверенија од положен курс по англиски јазик за кои тврдеше дека биле „исти такви“. Рече дека ги има сертификатите и на директорите поставени на функција во нивното време. Фоторепортерите го сликаа Мицковски како држи во рацете сертификат за познавање на ниво Б2 англиски јазик на поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.
Премиерот обвини дека му ја снимале куќата со дрон кога бил лидер на опозицијата. „Сето тоа ќе биде презентирано на затворена седница и сето тоа треба се декласифицира. Вие го следевте лидерот на опозицијата со дронови, сега пишуваат анонимни писма, колку сакаат нека пишуваат нема спас, не им бега одговорност“, порача Мицкоски.
Прашањето за бугарскиот пасош на министерката Сања Божиновска до премиерот го постави Оливер Спасовски од СДСМ- Дали кога ја формиравте владата ги проверивте кандидатите? Дали се водевте од начелото: прво Бугарите во влада, па после во Уставот?”, праша Спасовски на што Мицковски му одговори дека Божиновска била поголема Македонка од сите пратеници на СДСМ заедно.
„Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис-кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно”, кажа Мицкоски и во продолжение обвини за набавките на јаглен во РЕК Битола: „Место да нè пуштите да одиме напред, вие: ваква свест, онаква свест измислувате!”, кажа Мицкоски. Спасовски, му одговори дека истата фирма која победувала на тендер за јаглен во минатото, добива и денеска.
Пратенички прашања се на дневен ред на собраниската седница секој последен четврток во месецот. (П.А.)