Третина од граѓаните ја одбија понудата на банките да го одложат плаќањето на кредитите

31

Меѓу 30 и 40 отсто од граѓаните не ја прифаќаат понудата на банките за одложување на плаќањето на обврските. Кај некои банки веќе рокот за пријавување заврши, кај некои треба да заврши деновиве и следната недела треба да се има конкретнтно колку од клиентие не ја прифатиле можноста за одолжување на обврските по кредитите.

Банките во последните денови од март и првите денови од овој месец, а по донесување на Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите, со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација, на своите веб-страници објавија јавна понуда со услови за одложување на плаќањата на обврските по кредитите, кредитни картички и слично. Физичките лица, според објавата, требаше електронски или писмено, а во некои банки и телефонски, да ја информираат банката во зададениот рок, најчесто од 10 дена, доколку не ја прифаќаат понудата. Доколку не ја известат банката, понудата ќе се примени по автоматизам.

Од Комерцијална банка за МИА посочија дека рокот за одбивање на јавната понуда истекол на 9 април и дека 30 отсто од корисниците на кредит ја одбиле понудата.

– На 9 април 2020 година во 16:00 часот истече рокот за одбивање на јавната понуда за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица, која Комерцијална банка АД Скопје ја објави на својата интернет-страница на 30.3.2020 година. Таа се однесуваше на сите физички лица – клиенти на банката, кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања кои на 29.2.2020 година се класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност. Одбивањето на понудата се одвиваше доминантно по електронски пат, преку електронски образец кој Банката го разви специјално за оваа намена и по истата, 30 отсто од корисниците на кредит ја одбија понудата во превдидениот рок, со што нивната отплата на обврските по кредитите продолжува без промени, појснуваат од Комерцијална банка.

Од Охридска банка за МИА велат дека рокот сè уште не е истечен, и дека ги немаат конкретните податоци, но оти очекуваат меѓу 30 и 40 проценти од корисниците на кредити да ја одбијат понудата.

– Во Охридска банка заклучно со вчерашниот ден се одвива процес на прибирање информации од клиентите за одбивање на понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски за шест месеци, објавена на веб-страницата на Банката. Од досегашниот одѕив, сметаме дека бројот на клиенти кои ќе ја одбијат понудата, односно ќе продолжат со редовно сервисирање на своите обврски би изнесувал околу 30-40 отсто од вкупниот број клиенти – физички лица кои користат кредитни производи од Банката, наведуваат од Охридска банка.

Оттаму додаваат дека во однос на типот производи за кои клиентите – физички лица ја прифаќаат и одбиваат понудата, може да се каже дека е различен за секој клиент, зависно од типот производ што секој индивидуален клиент го користи.

Охридска банка, освен што ја објави понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски за шест месеци, од почетокот на април воведе и дополнителни олеснувања за клиентите за сите нови апликации за кредитни производи, и тоа одобрувања кредити без административен трошок за Лесен кеш кредит, Станбен кредит, Кеш хипотекарен кредит и Кеш кредит со 100 отсто депозит кредит. Потоа одобрување станбени кредити без трошок за проценка, како и без нотарски трошоци кои ќе бидат покриени на трошок на Банката.

Конкретни бројки за тоа за што најчесто барале граѓаните да им се одложат обврските од банките најавуваат откако ќе ги анализираат податоците, но наведуваат дека оние што бараат да продолжат да плаќаат се однесуваат за сите производи што ги имаат во банката.

Според објавените понуди, најголем дел банки понудија одложување на отплатата на обврските за шест месеци, односно до 30 септември 2020 година.

На граѓаните им се нудеше можност и за рефинансирање на постојните кредити, како и одобрување нови кредити со можност за користење грејс-период.

Она на што имаа забелешки граѓаните во однос на понудата е што банките за време на периодот за кој ја даваат можноста за одложување на плаќањето на обврската на клиентот му пресметуваат камата.

Одложувањето може да го користат сите што немаат нефункционални кредити, заклучно со 29 февруари 2020 година.

Одложувањето на плаќањето на обврските се однесува на периодот од 1 април. За март ратите по кредитите граѓаните требаше редовно да ги платат.

Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите е донесена со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација.

Одложување на плаќањето на обврските по кредитите, покрај за физичките лица, банките понудија и кај правите лица од три до шест месеци.

Од Охридска банка нè информираат дека во корпоративниот сегмент се одвива секојдневна комуникација со клиентите и тука дискусиите и одлуките се водат со поинакво темпо, потребни се повеќе анализи и од страна на клиентите и од страна на Банката.

– Досега и во овој сегмент е солиден одѕивот на клиенти кои сакаат да продолжат со редовно сервисирање на своите обврски но, со оглед на спецификата на сегментот, со конктерен податок би можеле да излеземе во следниот период, откако ќе ги завшриме деталните анализи, велат од Охридска банка.

Покрај можноста за одложување за шест месеци на обврските по кредитите во банките и штедилници, олеснување на условите добија и корисниците на кредити од финансиските друштва.

Владата донесе уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70 отсто од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.

Согласно донесената уредба на Владата предвидено е од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица да плаќаат најмногу до 30 отсто од обврските по договорите за финансиски лизинг склучени заклучно со 31 март, при што рокот на плаќање на месечните ануитети, односно периодот на отплата се продолжува за најмалку 90 дена.  Дополнително, давателите на финансиски лизинг во периодот април-јуни нема да пресметуваат и наплатуваат какви било трошоци (камати, провизии).

– Обврските врз основа на помалку платени ануитети во периодот од 1 април 2020 година до 30 јуни 2020 година рамномерно ќе се распоредат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година. Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови само заради олеснување на условите, а на корисниците кои во тој периодот редовно ќе ги отплаќаат обврските, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат други поволности во однос на отплатата на обврските, се предвидува со Уредбата.