Тренчевска: Горди сме на реализацијата на „Проектот за подобрување на социјалните услуги“

54

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари работна средба со претставници на Светска Банка, на која, како што информираат, биле сумирани резултатите од „Проектот за подобрување на социјалните услуги“, кој што се спроведува со поддршка на Светска Банка, како и идните чекори за преостанатиот период до завршување на проектот до јуни 2024 година.

Тренчевска, на средбата, исто така, изразила задоволство од реализацијата на Компонента 1, „Промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги“, од Проектот за подобрување на социјалните услуги дава позитивни резултати, посочувајќи дека преку нашите теренски активности, можеме да се увериме на позитивните резултати кој ги дава.

Тренчевска изрази задоволство од досегашната соработка со претставниците на Светска Банка, нивната експертска поддршка и прогресот на Проектот кој дава видливи и одлични резултати.

– Особено, услугата Помош и нега во домот која нуди двојна придобивка односно ја дава потребната поддршка на оние на кои им е неопходна и тоа во нивниот дом и ги активира тешко вработливите лица од заедницата преку ангажирање како даватели на услугата, нагласи министерката Тренчевска.

Таа го истакна и прогресот на реализација на Компонента 2 од Проектот,  „Проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание“, кој покрај изградбата на инклузивни детски градинки, по најсовремени светски стандарди, обезбедува и јакнење на капацитетите на стручниот кадар, а со тоа обезбедува поквалитетно предучилишно воспитание и образование.

На средбата беа присутни Сара Кол-Блек, виш специјалист за социјална заштита од Светска Банка – Вашингтон, Бојана Нацева, виш специјалист за образование и Цвета Петрушевска-Јончевска, аналитичар од Канцеларијата на Светска Банка, Скопје, како и претставници на Проектната единица во Скопје.

Од МТСП, исто така, информираат дека Проектот за подобрување на социјалните услуги, ја рефлектира долгорочната определба на Владата на Република Северна Македонија за намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал преку подобрување на социјалните услуги. Проектот ќе придонесе кон поголема инклузивност на системот на социјални услуги и придобивки за голем број на граѓани, со посебен фокус на примателите на социјална помош и ранливите групи граѓани и децата на предучилишна возраст.