Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ги посети децата-корисници на бесплатната услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права за 2022 година во одморалиштето „Шула Мина“ во Крушево.
Како што информира МТСП, годинава обезбедиле летување за 250 деца родени во периодот од 2008 до 2011 година кои се редовни ученици во основно училиште, од семејства во социјален ризик (детски додаток, образовен додаток и гарантирана минимална помош), како и деца корисници на посебен додаток до 26 години. Во моментов во тек е летувањето на втората група на деца со околу 125 корисници.
Министерката истакна дека реализацијата на овој проект е овозможена со поддршка на Црвениот Крст кој обезбеди волонтери кои се присутни за време на летувањето на планираните групи и се грижат за реализација на активностите во рамките на проектот, како и за безбедноста и добросостојбата на корисниците.
Услугата опфаќа престој од шест полни пансиони со три оброци во денот кој што се однесуваат и на придружникот кој што е присутен тука заедно со корисникот. Активностите кои што се дел од летувањето се од едукативен карактер.