Тренерот на македонскиот олимпиец Дердан Дехари, Антонио Ристевски, кои моментно се наоѓаат на Зомските олимписки игри во Пекинг, вели дека добил закана за отказ од Скијачката федерација на Македонија зашто веќе десетина дена не дошол на работа. Тој преку „Фејсбук“ се обрати до јавноста, тврдејќи дека целта на Скијачката федерација е да го отстранат од спортот.
Неговата изјава ви ја пренесуваме во целост:
- Почитуван господин Ристевски! Во периодот од 31 јануари 2022 до денес се немате јавено на работа. Ве молиме писмено да нè известите за причините за вашето отсуство до петок, 11 февруари 2022.
- Јас како најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера од повеќе од 20 години, доживеав да се правдам за тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати поради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ, само г-дин Огњан Циговски не знае! Огорчен сум, 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие.
- Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентации во Скијачката федерација е јасна: сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно, мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност. Јас бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде што гордо и достоинствено ја претставуваме нашата држава.
Дардан Дехари, сепак, нема да настапи на ЗОИ во Пекинг, откако на тренинг тешко го повредил коленото и мора да оди на операција.