Трендафилов им даде жолт картон на судиите

62

Дојдовме пред Врховниот суд за да им го завртиме грбот и да им покажеме на оние судии кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом. Тројца судии сакаат да направат штета на целокупното работничко движење на Македонија, да го направат да молчи и да биде понизен. Дојдовме да им кажеме на судиите дека време е правото и правдата да победи, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на протестот пред Врховниот суд.

Најави дека ќе излезат во што поголем број доколку одлуката не се поништи до 1 мај.

-Им даваме жолт картон, а доколку е потребно можеме да бидеме и 7.000 и 70.000 членови и ќе застанеме овде. Ќе почнеме од Врховниот суд, кажа Трендафилов.

Тој информира дека ќе ги искористат сите правни механизми и пред Меѓународниот суд во Стразбур. До 15 мај истекува рокот за тужба против државата.

-Не сакаме да ја напаѓаме и тужиме државата и да ги срамиме политичарите, судиите и функционерите. Доколку ова не заврши до 1 мај, ќе тужиме во Стразбур, најави првиот човек на ССМ.

-Доколку влезат во нашиот дом, ќе влеземе во нивните домови – доколку го земат нашиот дом, ќе ги земеме нивните домови. Отстапка назад нема, доведени сме до ѕидот, потенцира Трендафилов.