Треба да трчаме маратон за да го достигнеме потребниот раст од 5 отсто

Македонската економија стагнира, оценуваат економските експерти, според кои овој скромен раст од само 1,2 отсто ја одразува неможноста на економијата да се развива со потребната динамика за да одговори на потребите на пазарот и да создаде нови работни места. Причините се погрешните економски политики насочени кон стимулирање на потрошувачката и социјалните прашања, наспроти политиките за поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, како и ниска реализација на капитални инвестиции

1080

Во согласност со последните статистички податоци, растот на БДП е само 1,2 отсто, што е значително под минималниот праг од 5 отсто, кој е потребен за одржлив економски напредок. Македонската економија стагнира, оценуваат економските експерти, според кои овој скромен раст ја одразува неможноста на економијата да се развива со потребната динамика за да одговори на потребите на пазарот и да создаде нови работни места. Причините се погрешните економски политики насочени кон стимулирање на потрошувачката и социјалните прашања, наспроти политиките за поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, како и ниска реализација на капитални инвестиции.

Статистика ги потврди тврдењата на експертите дека најголемо учество, односно 72 отсто, има финалната потрошувачка на домаќинствата, а потоа следуваат бруто-инвестициите. Извозот на стоки и услуги е намален за 6 отсто, а увозот бележи незначителен пораст од 0,5 отсто.

Според универзитетскиот професор и економски експерт, Дарко Лазаров, Владата во заминување ќе биде запаметена како Влада со најлоши економски резултати споредено со која било друга Влада во изминатите 30 години.

-Потврда за тоа се последните податоци од ДЗС кои покажуваат дека стапката на економски раст во првиот квартал од 2024 година е само 1,2 отсто, додека просечната стапка на раст во целиот период на владеење на оваа Влада од трети квартал 2017 година до прв квартал 2024 година е 1,5 отсто. Ако ги анализираме причините за лошите економски резултати, можеме да нотираме повеќе аспекти. Прво, недоволен реформски капацитет за спроведување на структурни и системски реформи во економијата. Второ, недостиг на институционален капацитет придружен со невладеење на правото и висока корупција. Трето, неспособност за справување со ковид-19 и енергетската криза. Четврто, погрешни економски политики насочени кон стимулирање на агрегатната потрошувачка и фокус на социјалните прашања, наспроти политики за поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор. Петто, ниска реализација на капитални инвестиции во насока на подобрување на инфраструктурата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Лазаров.

И универзитетскиот професор Абил Бауш смета дека македонската економија стагнира со оглед на фактот дека растот на БДП во Република Македонија е само 1,2 отсто, што е значително под минималниот праг од 5 отсто, кој е потребен за одржлив економски напредок.

-Овој скромен раст ја одразува неможноста на економијата да се развива со потребната динамика за да одговори на потребите на пазарот и да создаде нови работни места. Една од причините за овој слаб раст е политиката на актуелната влада, која претежно се насочила кон купување на социјален мир, наместо во вложување во проекти и иновации кои би донеле нова додадена вредност. Недостатокот на инвестиции во инфраструктура, технологија и образование создава средина каде што економијата стагнира наместо да се движи напред. За значителен и одржлив економски раст потребно е да се усвојат политики кои ќе го поттикнат приватниот сектор, ќе ја унапредат конкурентноста и ќе овозможат иновации, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бауш.

Неодамна, на последниот самит и од организацијата „Македонија 2025“, порачаа дека на Македонија ѝ е потребен раст на бруто-домашниот производ од најмалку 5 отсто за да државата оди напред и полека да фати економски приклучок со земјите од регионот и пошироко. Економски раст и подобрување на животниот стандард, како што беше речено може да се постигне преку сеопфатна дигитализација на земјата, зајакнување на конкурентноста на економијата, како и борбата против корупцијата, подобрување на инфраструктурата, раст на извозот, подобрување на образованието….

Поради тоа, како што беше речено на повеќето меѓународни рангирања и извештаи, државава заостанува и зад земјите во регионот и зад земјите кои се аспиративните врсници.

Песимистички се очекувањата и на релевантните финансиски институции. Светска банка прогнозира најнизок економски раст од земјите од регионот годинава 2,5 отсто и инфлацијата од 3 отсто. ММФ прогнозира раст од 2,7 отсто и 3,5 отсто инфлација. И Народната банка ја намали прогнозата од 3 на 2,6 отсто раст и 3,5 отсто инфлација.

(А.С.)