Треба да има листа со ограничени маржи на 2.500 производи, смета ОПМ

71

Организацијата на потрошувачи на Македонија со спротивен став од Стопанската комора. Треба да има листа на производи со ограничени маржи и таа треба да опфати голем број производи.

Од ОПМ велат дека треба да има таква листа и оти 2 500 производи не се многу. Ако сметаат дека некој производ не треба да биде на листата, треба сериозно да го образложат тоа. Искуството покажа дека пазарот бавно ги регулира цените.

Не може баш така лесно да се регулираат цените со самиот пазар, затоа што и пазарот е сè уште рестриктивен. Гледаме дека цените се зголемуваат, се „билдаат“ со други трошоци и поради тоа е ова. Поради ограничување и заштита и на самите производители, но најмногу заштита на потрошувачите, како крајни купувачи на одреден производ, вели Маријана Лончар-Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, изјави дека не треба да има таква листа и да се регулираат цените преку пазарни механизми.

Собранието, пред околу две недели, го изгласа Законот за нефер трговски практики, со кој, меѓу другото, им се забранува на трговците да им наплаќаат на набавувачите за внесување нов производ на пазарот, за преуредување на продавниците или за отворање нови, да ги условуваат со компензација или да им забранат да им продаваат земјоделски и прехранбени производи на други продавачи по пониска цена. Власта смета дека ова ќе доведе до намалување на цените на храната.

Законот предвидува Министерството за економија да објави листа на производи со ограничена маржа од десет отсто.

На почетокот од месецов заврши владината мерка за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, по што следуваше поскапување.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во изминатава година се стабилизира на околу 3 отсто, но претходно, за две години, храната поскапи за речиси четириесет отсто.