Пред неколку дена капитенот на сплитски Хајдук, Марко Ливаја, го прослави и 31 роденден. Во негова чест, италијанскиот „Тутомеркато“ се потсети на искусниот напаѓач кој првите посериозни фудбалски чекори ги направи на Апенинскиот полуостров.
Ливаја дојде таму како 17-годишник, кога Интер го купи од Хајдук. Започна брилијантно, се сеќаваат Италијанците во текстот со наслов „Марко Ливаја, лошото момче кое нокаутира соиграч и направи други непристојни работи“.
Италијанците пишуваат дека на Ливаја му било судено да стане ѕвезда на Серија А, но дека се уништил со своето однесување: „Ливаја требаше цела деценија да биде еден од заштитните знаци на нашиот шампионат. Затоа што брилијантно започна во младиот тим на Интер и веднаш покажа дека има потенцијал за големи работи. Ја освои младинската Лига на шампиони и заработи промоција во сениорскиот тим, каде што стана најдобар стрелец на Интер во Европската лига во првата полусезона.
Потоа, сè уште тинејџер, тој беше продаден на Аталанта на почетокот на 2013 година. И таму се истакна од самиот почеток. За да биде приказната уште пофасцинантна, тој таму се прослави под страшни услови. Натпреварот против Рома се одигра во обилен снег, кој се закануваше да го расипе натпреварот.
Но, тоа не му пречеше на Ливаја, кој го одбележа натпреварот со два гола. Откако на ваков начин се претстави во новиот клуб, стана ѕвезда и првотимец. Но, Ливаја се уништи со нокаутирање на соиграчот Иван Радовановиќ.
Ливаја остана уште една сезона во Аталанта, но никогаш не блесна како тој ден на снегот. Неговиот престој во Бергамо заврши со тоа што на фановите им покажа среден прст и потоа ги навредува Италијанците како нација на Фејсбук. Неговата кариера се развиваше вака: Рубин Казан, Емполи, Лас Палмас, АЕК и на крајот Хајдук, каде што беше најдобар стрелец во последните три и пол години“, пишува „Тутомеркато“.