Трговците во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници

101

Министерството за економија веќе предложи до Собранието измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се овозможува работа во недела и празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, изјави министерот за економија Крешник Бектеши при посета на охридско-струшкиот регион.

Бектеши очекува најмногу за две недели овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона.

-Измените на Законот за трговија во делот на „Недела неработен ден“ се во собраниска процедура, со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година. Овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места“ кажа Бектеши и додаде дека работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници поголеми за 50%.

-Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме дека ќе придонесат за уште поуспешна сезона, кажа Бектеши.

Како дел од мерките кои што и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам како што истакна министерот е и мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски приходи.

“Со Ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари за да продолжиме со мерката за ваучери за туризам за работници со ниски приходи, согласно предвидените средства проекциите се дека ќе се обезбедат ваучери за 1.500 до 2.000 семејства“ кажа Бектеши.