На одредени продукти во маркетите цените им се зголемени до 25 проценти. Од Владата најавија дека доколку трговците не ги намалат цените, кои не се во новогодишната кошница, ќе донесат поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени. На манипулациите со новогодишната потрошувачка кошница со денови предупредуваат граѓаните, а дека работите не се како што се очекуваше, се потврди и со ноемвриската инфлација, особено во делот на прехранбените производи, каде што трошоците за живот беа поголеми за 5,7 отсто во однос на истиот месец лани, како и синдикалната кошница која во декември е зголемена за 840 денари во однос на ноември.
-Тоа не е етичко однесување во пресрет на празниците. Ќе има реакција од институциите, а доколку продолжат, реакцијата ќе биде уште поробусна во периодот што следува. На ваков начин не треба да се прават големи профити. Граѓаните очекуваат разбирање од нив, а не наеднаш да се зголемуваат производите. Тоа е нечовечно однесување, истакна премиерот Христијан Мицкоски кој вели дека имаат и други мерки кои можат да ги преземат за производите да не поскапуваат по започнувањето на мерката „новогодишна кошничка“.
Тој апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.
-Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други производи кои ги користат граѓаните, како масло, леб, млеко, млечни производи, шеќер, сол, јајца и слично. Трикови не може, тоа оваа Влада нема да толерира. Жестоко има да се справиме со овие што мислат дека не надмудриле. Нема такви кои мислат дека со трикови ќе не надмудрат, истакна Мицкоски.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши рече дека доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи ќе донесат поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени.
Како што истакна екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе де донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки.
Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници.
И граѓаните велат дека и покрај помпезното најавување на кошничката со која требаше да има поочигледно поевтинување од претходната мерка, сепак, воопшто не е така во маркетите. Велат дека има намалување само кај неколку производи од еден производител што помалку се трошат. Така, на пример, ако има три вида јогурт од еден производител, намален е само еден од видовите јогурт, еден вид сирење…
Ова го потврдија и од Организацијата на потрошувачи на Македонија и од Сојузот на синдикати на Македонија кој се надлежни за мониторинг во спроведувањето на „новогодишната кошница„.
„Не знам кој ќе биде крајниот ефект од акцијата „Новогодишна кошница“. И покрај тоа што се очекуваше поголем ефект од претходната мерка за намалување на маржата, сепак, првичните реакции на јавноста се дека нема големо намалување на цените на производите во маркетите, изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организација на потрошувачи на Македонија.
Најголемото разочарување доаѓа поради тоа што мерката новогодишна потрошувачка кошница е на предлог на стопанствениците, кои беа категорично против ограничување на маржите и на замрзнување на цените, како што беше практика порано. Но, очигледно дека трговците ја изиграа довербата.