Во првите 9 месеци годинава од земјава сме извезле стоки вредни 5,86 милијарди евра, а сме увезле роба во вредност од 8,2 милијарди, со што трговскиот дефицит достигна 2,34 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2024 година, изнесува 71,4 %.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во овој период е забележан пад на извозот на стоки од 6,1%, а на увозот за 0,5%, што говори дека трговскиот дефицит и натаму расте.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – септември 2024 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.