Трговијата, транспортот и хотелиерството ни ја билдаат економијата 

Во третото тримесечје од годинава бруто-домашниот производ (БДП) на земјава пораснал за 3 проценти, што е еден од највисоките стапки на раст за овој период, споредбено со земјите од ЕУ и Европа. Овој раст, според премиерот Христијан Мицкоски, е добиен во услови на сложени геоекономски и политички случувања. - Ако се анализираат податоците ревидирани од првите три квартали оваа година, тогаш може да кажеме дека македонската економија порасна во просек повеќе од 2,6 проценти, што претставува повеќе од предвидувањата на некои од меѓународните институции, како Светската банка која предвидуваше раст од 1,8 проценти за 2024 година на БДП на македонската економија, оценува Мицкоски

565

Трговијата, транспортот и хотелиерството ни ја билдаат економијата. Во третото тримесечје од годинава бруто домашниот производ (БДП) на земјава пораснал за 3 проценти што е еден од највисоките стапки на раст за овој период, споредбено со земјите од ЕУ и Европа.

Само пет земји-членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал. Што се однесува во регионот, помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија (2,4 проценти), Романија е во негативно салдо (-0,3 проценти), Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија итн.

– Може тоа претставува бројка што е релативна и бројка којашто може да се дебатира, но какви се фактите. Во услови на сложени геоекономски и политички случувања бројката од 3 проценти е една од најголемите во рамките на ЕУ. Ако се анализираат податоците ревидирани од првите три квартали оваа година, тогаш може да кажеме дека македонската економија порасна во просек повеќе од 2,6 проценти, што претставува повеќе од предвидувањата на некои од меѓународните институции, како Светската банка која предвидуваше раст од 1,8 проценти за 2024 година на БДП на македонската економија – вели премиерот Христијан Мицкоски.

Во третото тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2024 година, номинално растеше за 3,9 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 67,7 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 2,0 проценти.

Премиерот Мицкоски очекува раст сличен и повисок во четвртиот квартал со што би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти.

– Тоа значи дека успеавме да ја консолидираме економијата и индикаторите во ова тримесечје се едни од најдобрите во Европа, и многу ретко до сега сме имале можност да се пофалиме со економски резултат што ќе биде еден од најдобрите во Европа – истакна Мицкоски.

Тој ја потврди прогнозата дека до крај на годината странските инвестиции да надминат една милијарда евра.

– Што се однесува до личната оценка можам да кажам за краток период ја консолидиравме економијата, и можам да кажам дека сум задоволен – истакна Мицкоски.

Светска банка во есенскиот извештај за Македонија објавен во октомври, прогнозираше дека Македонија ќе биде со најлоша економија годинава и скромен раст од 1,8 проценти и дека така ќе продолжи и во наредните две години. Од банката изразија загриженост за влијанието на заемот од Унгарија врз јавниот долг. Една од причините за ваквите бројки е тоа што, иако се очекувало да започне реализацијата на Коридорите 8 и 10 Д тоа не се случило.

– Ако се сеќавате пролетната проекцијата беше 2,5 проценти и надежта беше дека двата автопатишта ќе започнат, но сега сме на средината на октомври така што немаме многу време има одредени структурни прашања со процесот  на јавни инвестиции тие се многу бавни, а во случајот со Северна Македонија многу повеќе време толку што би се очекувало – нагласи Сања Маџаревиќ Шујстер од Светска банка

Министерката за економија, Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, искажа оптимизам дека општините  ќе реализираат дел од проектите и годинава ќе се заврши со поголем економски раст од оној кој го прогнозира банката.

– Јас сметам дека до крајот на годинава може да очекува 2,1 процент најмалку економски раст. Од нашите, поголеми проекции има и ММФ – истакна Димитриеска-Кочоска.

Според неа, без реални инвестиции нема раст.

– Одлучивме да дадеме поддршка на општините, затоа што тие имаа готови проекти што ќе дадат побрзо ефекти. Тоа се реални инвестиции и тие ќе дадат резултат и врз растот на БДП, на што исто така влијание ќе имаат и инвестициите во приватниот сектор за што се предвидени 250 милиони евра од унгарскиот заем – рече министерката Димитриеска-Кочоска.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ