Транспаренси Интернешнл-Македонија: Објавени „бистри“ и „матни“ настани за месец јуни

198

Како дел од проектот „Бистро-матно“, за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл-Македонија,“  денеска ги објави настаните кои беа актуелни минатиот месец.

Од таму соопштуваат дека проектот имал големо одзив во јавноста и кај домашните и странските институции, па така, прераснал во „релевентен барометар на корупцијата и на волјата државата да се справува со нејзе“.

Четири „матни“ настани за јуни, од листата на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, се однесуваат на случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД, реакцијата од Државната комисија за спречување на корупцијата, во врска со случајот на Мерко, односно дека, против струшкиот градоначалник имало наоди од Комисијата и од Државниот завод за ревизија, но надлежните институции не постапиле четири години, се првите два случаи од листата.

Третиот случај се однесува на „немањето евиденција на институциите“ во врска со предмети против струшкиот градоначалник, а четвртиот случај е во врска со шест активни предмети против Мерко, од кои за еден повеќе од три години се чекало дополнително вештачење.

Од Обвинителството информираат дека ќе испитуваат дали струшкиот градоначалник вршел влијание во предметите, а ако се утврди дека обвинители постапувале неажурно и нестручно, ќе се поведе постапка против нив, Најголем дел од предметите за Мерко биле за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Останатите случаи од листата на „матни“ настани се однесуваат на сомневањата од страна на Државниот завод за ревизија во „вистинитоста и објективноста на финансиките извештаи на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ И Алтернатива за 2021 година, како и случаите со „загриженоста на странците“ за „метастазирањето на корупцијата во нашето судство“ и постапката во Судскиот совет за судирот на интереси на поранешната претседателка на  Советот, Весна Дамева.

За „бистри“  настани за месецот јуни, како прв е издвоен отворањето на истрага  од страна на ОЈО ГОКК, под кодното име „Феникс“, кој се однесува за проектот Скопје 2014 година, односно за 11 споменици од проектот и за кој сè уште е отворена истрагата. Во овој случај како првиобвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри, Зоран Ставревски и Елизабета Канчевска-Милевска, поранешните градоначалници на општина Центар, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ, кој се наоѓа во домашен притвор, како и претседател на Советот на Општината Центар, Владимир Здравев и други осомничени.

Останатите три случаи од оваа листа се однесуваат на поднесувањето на оставки на двајца членови од Судскиот совет, објавените извештаи од Државниот завод за ревизија за ревизија на сметките сметките на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ И АЛТЕРНАТИВА за 2021 година.

Додека третиот случај се однесува на  одбивањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството, да номинираат член и негов заменик на Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, поради несоодветното и незаконско постапување на Судскиот совет, вопретходниот период, со што ја загуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе го унапреди угледот на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите.

Од Транспаренси Интернешл-Македонија, соопштуваат дека „повеќето бистри настани се поврзани со активностите на Министерството за внатрешни работи кое информираше за реализирани случаи и поднесени кривични пријави за кривични дела од областа на корупцијата.“