Стара фотографија на Џон Ретклиф, кој доаѓа на челната позиција во ЦИА, сугерира дека тој ја поддржува идејата за обединување на Албанците. Новиот министер за одбрана, водителот Пит Хегсет, нема никакво искуство во доменот на националната безбедност, а Илон Маск заедно со Вивек Рамасвами ќе води нова институција која ќе отпушта административци. Инвеститорот во недвижниости Стив Виткоф ќе биде посебен пратеник на претседателот за Блискиот Исток
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, веќе наголемо ја составува својата администрација, опкружувајќи се со лојални луѓе, од кои некои важат за контроверзни личности кои претходно немал никаков контакт со ресорот што ќе го водат.
За шеф на ЦИА е назначен Џон Ретклиф, по професија адвокат, кој при крајот на првиот претседателски мандат на Трамп, од 2020 до 2021 година, беше директор на Националното разузнавање. За него тогаш велеа дека е кинески јастреб и дека во корист на Трамп декласифицира информации. Ретклиф имаше и мандат во Конгресот, каде што беше познат како еден од најконзервативните членови. Служеше во Комитетот за разузнавање, домашна безбедност и правосудство, каде што беше водечки креатор на националната безбедносна политика.
Веднаш по информацијата за именување на Ретклиф на виделина излезе негова стара фотографија на која позира правејќи со дланките орел, што е симбол на голема Албанија. Тоа за многумина сугерира дека тој ја поддржува идејата за обединување на Албанците, што може да се реализира само со уништување на суверенитетот и интегритетот на останатите земјите на Балканот.
Во новата администрација на Трамп функција доби и неговиот најсилен поддржувач, но и донатор во завршницата на изборната кампања, извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс икс“, Илон Маск. Тој доби задача заедно со поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами да го води Одделот за владина ефикасност што допрва треба да се формира.
-Заедно, овие двајца прекрасни Американци ќе го отворат патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да го намали вишокот регулативи, да ги намали расипничките трошоци и да ги преструктурира федералните агенции, суштински за движењето „Спасете ја Америка“, изјави Трамп.
Додека го поддржуваше Трамп во кампањата, Маск рече дека ќе поднесе предлог за огромно олабавување на владините регулативи, со кои долго време се справуваше во своите компании. Предложи и отпуштање административци со дарежливи пакети за испратнини. Рамасвами, пак, минатата година во кампањата како републикански предизвикувач на Трамп вети дека ќе ги елиминира ФБИ, Одделот за образование и Нуклеарната регулаторна комисија, од каде што ќе се отпуштат илјадници федерални работници.
За прилично контроверзна личност во новата американска администрација по избор на Трамп се смета Пит Хегсет, воен ветеран и водител во „Фокс њуз“, кој ќе биде шеф на Пентагон, односно министер за одбрана на САД. Тој е познат по тоа што често ја критикуваше НАТО алијансата и апелираше до Трамп да помилува војници обвинети за воени злосторства. Изборот на Хегсет го шокираше Вашингтон. Тој служел војска, но нема искуство на високи позиции, ниту искуство во доменот на националната безбедност.
Сузи Вајлс е именувана на позицијата шефица на кабинетот на Трамп. Таа помогна во раководење на кампањата на Трамп во последните две години, а новата функција што ја добива се смета за втора најмоќна во Вашингтон.
Трамп веќе назначи и нов амбасадор во Израел. Тоа е Мајк Хакаби, христијански пастор кој стана политичар.
-Тој го сака Израел и народот на Израел, а истото го сака и народот на Израел, рече Трамп за него.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побрза да му честита на Хакаби, кој во минатото изјави дека не постои такво нешто како окупација кога станува збор за палестинските територии.
За свој посебен пратеник за Блискиот Исток, Трамп го избра донаторот во неговата кампања и инвеститор во недвижности, Стив Виткоф. Тој присуствуваше на митингот на Флорида, кога имаше обид за атентат на Трамп.
Републиканецот Мајк Волц, кој ја претставува Флорида во Претставничкиот дом, поставен е на стратешката позиција национален советник за безбедност.