Трамп се врати на местото на атентатот и одржа митинг, на бината му се придружи и Маск

325

Речиси три месеци откако за малку ќе го загуби животот на бината на митингот во Батлер, Пенсилванија, кога куршум го промаши за милиметар, Доналд Трамп се врати на „местото на злосторството“.

Она што секако ја шокираше и изненади публиката е фактот што во еден момент со него на сцена излезе и милијардерот Илон Маск и одржа краток говор по тој повод.

Заедно со Маск, Трамп беше придружуван и од неговиот кандидат за потпретседател Џеј-Ди Венс.

„Вие заслужувате влада која ги штити и почитува сопствените граѓани и го брани вашиот суверенитет, вашата безбедност, вашето достоинство и вашата слобода“, им порача Трамп на толпата со голем аплауз.

Тој се нафрли и на неговите политички противници, обвинувајќи ги дека го „клеветат“ и „сами ги средуваат изборите“.

„Кој знае, можеби се обидоа да ме убијат“, рече Трамп.

Трамп се потсети и на моментот пред три месеци кога на истото место животот го загуби пожарникарот Кори Компеторе, штитејќи го своето семејство од рафални куршуми.

„Тој на некој начин стана национален херој“, рече Трамп, а потоа повика на едноминутно молчење.

Поранешниот претседател имаше многу убави зборови за милијардерот Илон Маск, кого исто така го покани на сцената.

Милијардерот ѝ кажа на толпата дека им претстојат „најважните избори во животот“ и ги повика гласачите да се пријават и да гласаат за Трамп. Тој исто така нагласи дека носи црна МАГА капа (Make America Great Again), тврдејќи дека и самиот е „црна МАГА“.

На митингот се очекуваа меѓу 25.000 и 30.000 луѓе, а сообраќајот во руралниот Батлер беше блокиран во поголемиот дел од саботата, јавува Би-Би-Си.