Трамп потврди дека воведува нови царини за кинеските производи

54

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека утре стапуваат во сила дополнителни царини од 15 проценти за кинеските артикли во вредност од повеќе милијарди долари.

Тој одговарајќи на новинарско прашање дали е можно да се одложи примената на дополнителните царини синоќа истакна дека се одобрени царините.
Дополнителните 15 отсто царини се однесуваат на дел од кинеските артикли во вредност од 300 милијарди долари, кои до сега беа поштедени од дополнителни царини.

Царините стапуваат во сила на полноќ и една минута по локално време и се однесуваат на производи од секторот на прехрана, текстил и мебел.

Во март 2018 година Трамп почна царинска војна со Кина настојувајќи да постигне трговски договор со кој би била прекината, според него нелојалната пракса, како што е принуден трансфер на американската технологија и масовните субвенции за кинеските државни фирми.

Кина возврати и воведе дополнителни царини на вкупниот увоз од САД.
Преговорите за трговскиот договор помеѓу САД и Кина се во ќор сокак, но Трамп тврди дека се водат разговори помеѓу Вашингтон и Пекинг.

– Не можам ништо да кажам, но ние разговараме со Кина. Планирани се состаноци, а и телефонски се разговара. Претпоставувам дека состанокот во септември не е откажан. Ќе видиме што ќе се случи, посочи Трамп.

Пекинг не потврди дека се разговара со Вашингтон.
– Трамп исто така наведе дека 13 отсто од американските фирми во блиска иднина ќе заминат од Кина, додавајќи оти се надева дека нивниот процент ќе виде поголем.