Во чест на 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, в недела на 12 ноември, J love hiking шеста година по ред го организира традиционалното искачување на Љуботен, како планина која го чува овој град и е на грбот на град Скопје. Предвидени се две планинарски тури, како и тура за родители и деца со мајка Ирина
Во чест на 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, в недела на 12 ноември, J love hiking, шеста година по ред го организира традиционалното искачување на Љуботен, како планина која го чува овој град и е на грбот на град Скопје.
Предвидени се две планинарски тури, како и тура за родители и деца со мајка Ирина.
Во рамките на планинарската рекреативна тура е предвидено искачување од Старо село сѐ до вила „Љуботен“ или планинарскиот дом „Љуботен“.
Појдовна точка е Старо Село, кое се наоѓа на 700 метри надморска височина. До домот се пешачи неполни два часа. Патот по кој се оди е колски и за брзо време се влегува во шумски појас. Во 15:30 часот следува спуштање надолу. Турата е лесно напорна.
Почетната точка на планинарската тура – летна патека е Старо Село. Се прави пауза кај планинарскиот дом „Љуботен“ (1.622 метри надморска височина). Крајна точка е врвот Љуботен на надморска височина од 2.499 метри. Патеката е маркирана. Се поминува низ шумски терен, а од домот до врвот се продолжува по каменест терен и терен со пасишта. Вода има само во првиот дел од патеката (над домот). Патеката во двата правци е со вкупна должина од 21 километар (од селото до врвот и назад ). Просечно време на искачување е четири часа. Турата е средно/тешка – тешка, во зависност од кондицијата.
За турата за родители и деца, собирното место е 7.30 часот на паркингот пред „Пошта 2“ на Железничка станица Скопје, излез на Скопје, бензиската „Макпетрол“ во 8 часот. Стартното место е Старо Село од 9:15 часот (паркингот кај училиштето во Старо Село). Од селото до домот се пешачи два до 2,5 часа. Притоа, обезбедени се уживања за најмладите во органски путери од овошје, како и пресоблекување во една од куќарките во планинарскиот дом „Љуботен“.
Поаѓањето за турите е од пред железничката станица Скопје во 6 часот. Поаѓање од Старо село во 7:30/07:50 часот. Патеката e од Старо село до вила „Љуботен“, се оди по колски пат на планинатa и качувањето е константно, нема големи угорнини освен едната кратенка во шумата каде теренот е пострмен. Крајниот дел на искачувањето на врвот е одење по самиот срт, кој има големи стрмнини и лево и десно и не се препорачува за луѓе со висинска болест.
Искачувањето на врвот се затвора во 13:31 часот. Сите учесници кои до тој момент не стигнале до врвот, должни се да се упатат назад по истиот пат со водич, заедно во група. Турата завршува во Старо Село најдоцна до 17:30 часот.
Атрактивноста на турата е во врвот, кој има форма на пирамида. Љуботен важи за малку суров врв поради тоа што претставува еден вид „пристаниште” на Шара каде што се прекршуваат сите ветришта. Љуботен е моќен, величествен и горд. И затоа Љ. секогаш ќе асоцира на Љуботен. На ова традиционално искачување се поканети сите планинарски друштва кои се регистрирани во ФПСМ.
За сите присутни ќе има чорба од зеленчук, а ќе има и три големи награди.
Воедно, автентичното знаме на првоборците кои влегле да го ослободат Скопје ќе биде превземено и ќе биде качено на врвот за нив.
Пријавувањето е во „Паблик рум“, од 17 до 19 часот (среда, четврток и петок), до 11.11.2023 година.
(А.П.)