Спој на балканска, турска и џез музика пред македонската публика ќе донесат турските музичари Анил Шалиел, на саксофон и Марееџхи Асу, на деф на концертот насловен „Виорот на Анадолија“, што на 5 декември, со почеток во 20 часот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје.

– Настанот ќе биде отворен за сите заинтересирани љубители на музиката кои ќе имаат можност да уживаат во звуците на Анадолија изведени во џез аранжмани, а со својот настап музичарите ќе го оживеат споменот на иконите на турската традиционална музика Ашик Вејсел и Зеки Мурен, најавија од Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје.

Настапот е дел од балканската турнеја на турските музичари кои проектот од 11 концерти го започнуваат од Македонија, односно од Скопје (5 декември), а ќе имаат концерт и во Гостивар (6 декември).

– Турската музика е многу стара и доаѓа од времето на османлискиот период, а џезот почнува да се развива подоцна, но спојот со саксофон дава добар производ. Во еден и пол час ќе можете да видите концерт, со своја приказна и како турската музика може да се претстави визуелно. Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Преку овој концерт, и целиот проект, имам можност да ја остварам мојата желба, рече на денешната прес-конфренција Анил Шалиел, истакнувајќи дека старите композиции на доајенот на турската музика Ашик Вејсел ќе можат да се слушнат во современ аранжман.

Шалиел истакна и дека чаршијата е еден вид инспирација за музиката.

-Во Скопската чаршија видов многу занаетчии и секој во својот дуќан, со своите приказна и звуци, додаде Шалиел кој најави дека на концертот ќе изведат нумера поврзана со звуците од скопската турска чаршија.

За музичарот Марееџхи Асу, пак, интерпретаторот треба да го внесе своето јас во музиката која ја изведува. За него, музиката е лек и се надева дека нивната музика ќе биде лек и за присутните на концертот.
-Започнав со суфи музика и потоа работев на тоа истата да ја претставам на современ начин. Прво ја споив суфи со рок музиката, а подоцна преку соработката со Анил и со турската и џез музиката. Сакавме да направиме современа верзија на старата турска музика. Музиката го презентира нашето минато, но и нашата сегашност, да не ги заборави корените, но да биде и современа, додаде Марееџхи Асу.

За директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Ариф Конак, голема чест е да се доближи турската култура кај македонскиот народ.
-Концертот „Виорот на Анадолија“ ќе биде големо завршување на годината со двајца извонредни музичари од Турција. Џезот е западна култура, ама овие извонредни музичари на прекрасен начин ќе направат убав спој со традиционална турска музика – рече Конак.

Анил Шалиел (31) соработувал со многу поп ѕвезди и џез уметници и учествувал  во речиси 2000 студиски снимања. Меѓу нив се: Истанбул Супербенд, Натали Кол, Николa Конте, Ентони Стронг, Дејв Векл, Раул Мидон, Ди Ди Бридџвотер, Кели Сае, Омар Лај Фук… Мареечи Асу, пак, уметник и учител кој се истакнува во мистичната и деф уметноста, во својата уметничка кариера, учествувал во бројни албуми на мистична музика и реализирал заеднички проекти со важни уметници во својата област. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски