Трагичен епилог на потрагата во Виена: Мајката го фрлила новороденчето во канта, премрзнало и починало

74

Телото на бебето кое било пронајдено во канта за ѓубре во просториите на болницата во Виена, било завиткано во пластична кеса, јавуваат австриските медиуми.

За убиство е осомничена мајката на детето (29), која на полицијата ѝ ја покажала кантата во која се наоѓало телото на новороденчето.

Телото на детето било пронајдено околу 10 часот утринава.

Според првите информации, мајката ја завиткала својата ќерка која имала само десет дена во најлонска кеса и ќебе, а потоа ја фрлила во канта во болницата. Се сомнева дека бебето најверојатно премрзнало до смрт, поради екстремно ниските температури во главниот град на Австрија.

Наредена е обдукција која треба да ја открие точната причина за смртта.

Полицијата на местото каде што е пронајдено телото се уште врши увид.

Да потсетиме, прво медицинската сестра од неонатолошкиот оддел вчера забележала дека детето го нема, а потоа веднаш ја известила мајката. Набрзо била алармирана и полицијата. Во текот на попладневните часови целата област околу болницата била блокирана, а во потрагата биле вклучени и кучиња трагачи.

Со оглед на тоа што пристапот до овој оддел не е слободен, полицијата веднаш ја насочила истрагата кон најблиските роднини и семејството. Мајката на девојчето била првоосомничена, а синоќа таткото бил сослушан во полициска станица.