Планот на италијанската премиерка, Џорџа Мелони, за преселување на голем број мигранти од Италија во Албанија, каде што со пари од Рим се изградени прифатните центри, пропадна неславно, може да се каже еден месец по отворањето на овие центри, „Гардијан“ пишува во анализата.
Помина еден месец откако Мелони заедно со албанскиот премиер Еди Рама ги отворија прифатните центри во оваа земја, кои требаше да примат до 3.000 мигранти.
Според замислата на конзервативната политичарка, тоа би го намалило товарот на италијанските власти и институции, бидејќи обработката на мигрантите би се вршела надвор од територијата на оваа земја. За овој план, Мелони доби пофалби од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која нејзината идеја ја нарече потенцијална иднина за управување со мигрантската криза за Европската унија.
Сепак, еден месец подоцна резултатите се јасни – идејата пропадна, а главната причина се законите во Италија кои практично го запреа секое испраќање мигранти надвор од територијата на оваа земја. Во месецот од отворањето на центрите, од Италија во Албанија пристигнале само 24 мигранти.
Од нив, пет поминале помалку од 12 часа во Албанија, додека останатите биле вратени во Италија по 48 часа.
Сите беа префрлени во Италија откако италијанските судови одлучија дека е незаконски да се задржат во Албанија пред да се вратат во земји како Бангладеш и Египет, кои Рим ги сметаше за „безбедни“.
Така, судовите ја поддржаа одлуката на Европскиот суд на правдата (ЕСП) од 4 октомври, според која земја надвор од Европската унија не може да се прогласи за безбедна доколку целата нејзина територија не се смета за безбедна.
Планот, кој опозициските партии го нарекоа „тотален неуспех“, кој ќе чини околу 1 милијарда евра во текот на пет години, предизвика судир меѓу властите и судовите, при што екстремно десничарските партии ги обвинуваат судиите за попречување на проектот.
Бидејќи се чини дека планот ќе се соочи со дополнителни правни предизвици, договорот станува целосно фијаско. Според неодамнешното истражување, 55 отсто од Италијанците се против овој план.
Владата, која миграцијата ја направи централен дел од својата кампања и во минатото ги критикуваше претходните влади дека трошат јавни пари за управување со мигрантската криза, сериозно го загрози нејзиниот кредибилитет, пишува анализа на Гардијан.
Чинеше 250.000 евра за транспорт на осумте мажи кои пристигнаа по море од Албанија минатиот викенд со италијански воен брод – повеќе од 31.000 евра по барател на азил на бродот.
Со оглед на постепениот неуспех на планот, италијанската влада го нападна судскиот систем, опишувајќи ги оние што одлучија против планот како „политизирани судии“ кои „сакаат да ги укинат италијанските граници“.