Тотална чистка на „Ноу Камп“

287

Трансфер политиката на Барселона со години беше пример за добра работа, но тој тренд не вреди кога се во прашање последните неколку години. Каталонскиот гигант повеќе не е специфичен на пазарот за фудбалери, а за неговата традиција се помалку се збори.

Големи проблеми предизвикаа трансферите кои беа реализирани по заминувањето на Неимар во ПСЖ за рекордни 222 мил. евра. После тој трансфер, голем беше бројот на играчи кои беа платени повеќе отколку што вредат, а тоа најдобро се виде со купувањето на Осман Дембеле и Филипе Кутињо. Двоецот беше ангажиран како замена за Неимар и во тие моменти на паника Барса ги преплати, но ги смири најверните фанови кои беа бесни поради начинот на кој Неимар си замина од „Ноу Камп“.

По заминувањето на Бразилецот, Барса одвои 270 мил. евра за обесштетувањето на Кутињо и Дембеле. Беа купени и Паулињо, Нелсон Семедо, Јери Мина, Малком, Клемент Ленгле, Артур, Жерар Деулофеу, Артуро Видал и Кевин Принц Боатенг.

ПОСТОЈАТ ДВЕ ГОЛЕМИ ЖЕЛБИ
Околу квалитетите на Френки де Јонг, кој е купен ова лето од Ајакс за 75 мил. евра, допрва ќе се зборува, но не смееме да заборавиме дека Барса планира да го купи и францускиот интернационалец од редовите на Атлетико (М), Антоан Гризман. Исто така, Каталонците се надеваат дека ќе ги осигураат и услугите на Матијас де Лигт, за чии услуги интерес има покажано Јувентус и ПСЖ. Францускиот клуб му нуди дупло поголема плата, а за Гризман се зборува дека неговиот потпис е прашање на денови.
-На сите им е јасно каде ќе игра Гризман во новата сезона. Сите тоа го знаеме уште од март. Следниот негов клуб ќе биде Барселона, изјави главниот оперативец на Атлетико (М), Гил Марин.
Се предвидуваат пеколни бројки кога е во прашање расходот, а билансот може да се избалансира само со продажба. Во изминатите две сезони Барса има потрошено повеќе од 500 мил. евра за купување, а од продажбата има заработено околу 360 мил. евра. Тоа значи дека минусот е околу 140 мил. евра.

КОЈ ЌЕ СИ ЗАМИНЕ?
Најголемата енигма на оваа генерација на Барса е Кутињо. Бразилецот постигна два погодока на премиерниот натпревар од Копа Америка и на тој начин покажа дека проблемот не е само во него, туку и во филозофијата на Ернесто Валверде. Секогаш се очекува нешто повеќе од играчот кој е купен за 140 мил. евра. Потежок случај е и Иван Ракитиќ кој ќе заврши на трансфер листата. Валверде прифатил продажба на хрватскиот интернационалец само доколку му биде ветено ново засилување. Ракитиќ е проценет на 35 мил. евра, а најголем интерес за неговите услуги покажаа челниците на калчо гигантот Интер. Нова средина ќе си бара и резервниот голман Јеспер Силесен, кој би требало да биде продаден за 30 мил. евра. Звучи неверојатно, но португалскиот интернационалец Нелсон Семедо сака да си замине. Атлетико (М) покажа интерес за неговите услуги, но понудата не смее да биде помала од 50 мил. евра. Пред една година Барса одвои 41 мил. евра за обесштетувањето на Малком, но од „Ноу Камп“ пристигнува информација дека Бразилецот може за идентична сума да биде продаден.

ИГРАЧИ КОИ МОРА ДА БИДАТ ПРОДАДЕНИ ПО СЕКОЈА ЦЕНА
На списокот со играчи кои се за продажба може да се прочитаат и имињата на Денис Суарез, Рафиња Алкантара, Андре Гомеш… Од нивната продажба се очекува заработувачка од околу 75 мил. евра. Суарез е проценет на 20 мил. евра, додека за Гомеш се бараат 30 мил. евра. Младинците Кукурела и Планенсиа би требало да донесат заработувачка од 20 мил. евра. Според проекциите кои се на хартија, старо-новиот шампион на Шпанија планира да заработи околу 300 мил. евра. Клупските челници тврдат дека таквиот износ е потребен за да се реализираат сите амбиции кога е во прашање летниот преоден рок.