Нивото на естроген е повисоко кај жените, но доказите велат дека доброто ниво е, исто така, важно и за здравјето на мажите. Истражувањата покажуваат дека естрогенот може да биде добар за коските, регулирањето на расположението и помал ризик од рак кај двата пола

Марија СОКОЛОСКА

Естрогенот е важен хормон, кој природно се појавува. Тој е клучен за сексуалниот и за репродуктивниот развој на жените. Може да биде корисен за да имаме здраво срце и е антиканцероген и за жените и за мажите. Нивото на естроген е повисоко кај жените, но доказите велат дека доброто ниво е, исто така, важно и за здравјето на мажите. Истражувањата покажуваат дека естрогенот може да е добар за здравјето на коските, за регулирањето на расположението и помал ризик од рак кај двата пола.

Фитоестрогените се форма на диететски естроген што го добиваме од храната. Истражувањето за ефектите на овие хранливи материи од растително потекло е во тек. Истражувањата покажуваат дека тие може да ги имитираат или да ги подобрат придобивките за здравјето од природниот хормон.

Додека повеќето истражувања укажуваат на позитивни ефекти, во некои случаи фитоестрогените може да го блокираат или нарушат естрогенот во вашето тело.

Зошто ви е потребен естроген?

Главната функција на естрогенот е да ги контролира репродуктивните промени кај жените, но има други улоги и во машкото и во женското тело, вклучувајќи ги:

– здравјето на срцето и на крвните садови;

– јачината на коските;

– заштитата на мозокот и

– регулирањето на расположението.

Нашето ниво на естроген може да се промени поради многу причини. За некои, неговото контролирање може да бара хормонска терапија.

Фитоестрогените во храната може да помогнат во поддршката на природните функции на естрогенот. Истражувањата покажуваат дека овие хранливи материи се поврзани со неколку здравствени придобивки, вклучувајќи ги следниве.

Олеснување на менопаузата кај жените

Нивото на естроген кај жените се намалува со возраста, предизвикувајќи промени во телото, наречени менопауза. Фитоестрогените може да помогнат во ублажувањето на некои од физичките симптоми на менопаузата, како што се фреквенцијата на топли бранови и сувоста на вагината.

Поцврсти  коски

Естрогенот помага во одржувањето здрава густина на коските, намалувајќи го ризикот од остеопороза и кај мажите и кај жените. Истражувањата покажуваат дека фитоестрогените од храната може да го поддржат овој ефект, подобрувајќи го долгорочно здравјето на коските.

Може да го намали ризикот од срцеви заболувања

Истражувањата покажуваат дека фитонутриентите може да помогнат во управувањето со холестеролот. Одржувањето на доброто ниво на холестерол ги одржува артериите ослободени од таложење маснотии, намалувајќи го ризикот од срцеви проблеми и од мозочен удар.

Може да го намали ризикот од рак

Според истражувањата, повисоките нивоа на естроген и на фитоестроген се поврзани со пониските стапки на рак на дојката. Докажано е дека фитоестрогените ги убиваат клетките на ракот на простатата, ефект што научниците продолжуваат да го проучуваат за употребата на хранливите материи во превенцијата или во третманот на рак.

Меѓу најдобрите диететски извори на фитоестрогени се следниве.

Ленено семе

Лененото семе е најбогат диететски извор на лигнани (полифеноли што се наоѓаат во растенијата). Истражувачите веруваат дека тие го намалуваат ризикот од рак на дојка. Може да ставите ленено семе во многу јадења, да го печете во леб и колачиња или да го блендирате за смути и за намази.

Соја

Сојата содржи високи нивоа на изофлавони, фитоестрогени што може да ги имитираат ефектите на естрогенот и да го намалат ризикот од рак на дојка и на простата. Сојата е, исто така, богата со низа есенцијални витамини и минерали. Може да го поддржи здравјето на срцето како алтернатива на црвеното и на преработеното месо. Исто така, исклучително е разновидна. Може да ја вклучите сојата во вашата исхрана преку користењето тофу, темпе, едамам и соино млеко.

Праски

Поради големата содржина на лигнани, студиите покажуваат дека јадењето две порции праски неделно го намалува ризикот од рак на дојка кај жените. Истражувачите откриваат слични ефекти од консумирањето боровинки и јагоди.

Лук

Редовното консумирање лук може да помогне во намалувањето на холестеролот и на крвниот притисок и во спречувањето на згрутчувањето – сите фактори на ризик за срцеви заболувања. Истражувањата покажуваат дека лукот може да влијае на нивото на естроген во телото, можеби помагајќи да се намали губењето на коскената маса поврзано со возраста. Но, потребни се повеќе истражувања за да се проучи овој ефект.

Црвено вино

Црвеното вино е богато со ресвератрол, фитоестроген за кој истражувачите веруваат дека го намалува ризикот од срцеви заболувања со регулирање на нивото на холестеролот. Друга студија покажа дека фитоестрогените во црвеното вино може да го запрат растот на клетките на ракот, особено кај жените во постменопауза.

Семе од сусам

Семето од сусам лесно се додава во речиси секој оброк и може да помогне во подобрувањето на нивото на холестерол. Студиите покажуваат дека влијае на нивото на естроген – има моќно антиоксидансно влијание, борејќи се против факторите на ризик од хронични болести.

Зеленчук

Зеленчукот, како што се брокулата, бриселското зелје и кељот, содржат фитоестрогени со антиканцерогени и антиинфламаторни својства. Диетите богати со зеленчук, исто така, се поврзани со помалиот ризик од многу хронични болести, вклучително и од срцеви проблеми.

Јаткасти плодови

Јаткастите плодови, како што индиските ореви, бадемите, кикиритките и ф’стаците, се одличен извор на фитоестрогени за здраво срце. Тие лесно се додаваат во исхраната. Но, бидејќи повеќето јаткасти плодови се богати со калории и со масти, не заборавајте да ги ограничите порциите според препорачаната доза.