Европската Унија е целосна само ако Западен Балкан е нејзин дел, а земјите од регионот треба да преземат дополнителни чекори кон заедничка иднина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, на отворањето на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија, во рамките на Берлинскиот процес. Шолц нагласи дека сите знаат колку регионот на Западен Балкан сè уште е обликуван од конфликтите од минатото и дека е време тие да се надминат и регионот да се насочи кон иднината. Преку примерот со Белград и Приштина, канцеларот им порача на земјите од Западен Балкан дека единствениот пат до ЕУ е имплементација на постигнатите договори.
– Затоа сакам да им порачам на нашите пријатели од Белград и Приштина да не дозволат минатото да ги врати назад од патот кон мирна и просперитетна иднина. Сè уште сум уверен дека таа иднина лежи во ЕУ, а единствениот пат до таму е целосната имплементација на постигнатите договори. Посветени сме на решавање на билатералните прашања во духот на соработка и со мирољубиви средства. Тоа е она за што се залага Берлинскиот процес, потенцираше Шолц.
Тој ја пофали и деблокадата на ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, бидејќи тоа, како што рече, овозможува активирање на неколку други договори, како договорите за работни дозволи и патеките на е-трговија.
– Деблокадата на ЦЕФТА-договорот не е единствената одлука што ќе ја донесеме денеска. Ќе потпишеме и два документа што ќе им го олеснат секојдневниот живот на луѓето. Едниот од нив е новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар, кој претставува основен документ за понатамошно продлабочување на економската интеграција. Ова ќе ја направи прекуграничната работа помалку комплицирана и значително ќе ве приближи до стандардите на ЕУ, додаде Шолц.
ЕУ да ги поддржи државите како Македонија
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, на состанокот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, порачал дека Европската Унија мора да ги поддржи државите кои покажуваат зрелост, одлучност и соработка за заедничката цел и дека Македонија прави многу на овој план.
„Германскиот канцелар Шолц изјави дека ЕУ не е целосна без државите од Западен Балкан“, напиша премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.
Претходно премиерот Мицкоски учествуваше во првата сесија од „Берлинскиот процес“, посветен на регионалната соработка и заедничкиот регионален пазар, што е форма за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на државите од Балканот.
-Ние мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании, нови форми на соработка и обезбедување на посигурна иднина, порача Мицкоски.
Во неделата попладне, Мицкоски оствари средба со македонската дијаспора во Берлин.
– Разговаравме за врските со нашата татковина, за нашата борба да ја направиме Македонија подобро место за живеење, за зачувување на македонскиот оган кој мора да донесе иднина и подобри времиња, објави Мицкоски.
Пред заминувањето, премиерот Мицкоски најави дека разговорите во Берлин ќе бидат клучни за подготовка на писмото со кое тој наскоро ќе се обрати до институциите на ЕУ, со барање за достоинствено решение за евроинтегративниот пат на земјава, без ултиматуми и диктати. Портпаролката на Владата, Марија Митева потврди дека ќе се видат размислувањата на европските претставници кои учествуваат на Самитот на Берлинскиот процес по што ќе се изготви писмото, кое ќе биде објавено.
Во Берлин вчера почна средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија во рамките на Берлинскиот процес. Покрај македонскиот премиер, на самитот дојдоа и премиерот на Србија Милош Вучевиќ, на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Унгарија Виктор Орбан, претседателката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц.
Беше предвидено канцеларот Шолц да разговара со учесниците на две работни средби, како и на работен ручек, а темите се „Регионална соработка и единствен регионален пазар“, „Зелена агенда за Западен Балкан, поврзаност и енергија“, како и идни планови на Берлинскиот процес.
Дополнително беше најавено дека шесте партнери од Западен Балкан ќе потпишат заедничка декларација за новиот Акциски план за единствен регионален пазар, како и договор за мобилност „Пристап до студии“.
Во македонската делегација што ја предводи Мицкоски се и министрите за надворешни работи и трговија, за внатрешни работи и за европски прашања Тимчо Муцунски, Панче Тошковски и Орхан Муртезани. Беа предвидени повеќе билатерални средби на премиерот Мицкоски и на министрите.
Берлинскиот процес започна во 2014 година, на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, како формат за регионална соработка и поддршка за приближување на регионот на ЕУ.
Мицкоски се сретна со Герапетритис
Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на грчката дипломатија имале куса средба на маргините на Самитот на Берлинскиот процес, според фотографиите што на платформата Икс ги објави Министерството за надворешни работи на Грција, пренесе МИА. Од грчкото МНР информираа дека Герапетритис имал куси размени на мислења на Самитот во Берлин и објавија фотографии, а освен со Мицкоски, разговарал и со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.
Шефовите на двете дипломатии минатиот месец ја одржаа нивната прва средба во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите Нации.