„Оваа изложба на Томо Владимирски (1904-1971), еден од основоположниците на македонскиот модернизам е прослава на неговиот живот и потврда на неговото трајно наследство. Тоа наследство го обликуваше текот на македонскиот модернизам, а продолжува да инспирира и генерации уметници и љубители на уметноста“, рече кураторката Ана Франговска, на вчерашното отворање на јубилејната изложба во Даут-пашиниот амам по повод 120 години од раѓањето на големиот македонски уметник.

Фото: Ѕ. Плавевски

Како што истакна Франговска, Томо Владимирски бил повеќе од само сликар – тој бил визионер, оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен колорит. „Роден во време на големи промени и превирања, тој во уметноста нашол начин да ги изрази сложеноста на животот, духот на својот народ, но пред сè душата на Македонија. Неговото дело остави неизбришлива трага во културното наследство на оваа земја. ‘Живеам за да сликам и сликам за да живеам’, велел маестро Владимирски, изразувајќи ја својата судбинска поврзаност со сликарскиот медиум и професија. За Владимирски пејзажот не е само сензација, доживување, замрзнување на еден миг, туку живот, енергија, трансформација, постојана промена. Како еден од основоположниците на македонскиот модернизам, Владимирски помогна да се воведе нова ера во нашата уметничка традиција. Неговите слики, богати со боја и длабочина, ги доловуваат луѓето во Македонија, културата и традицијата, фолклорот, урбанизмот, но пред и над сè природните убавини на нашата земја и нејзините неповторливи пејзажи. Тој е ликовен „поет“ на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела“, посочи Франговска.

На отворањето говореше и директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Неделкоска-Брзанова, која како што рече, чест е да се организира изложба посветена на 120 години од раѓањето на Томо Владимирски, исклучителен македонски сликар кој остави свој специфичен белег во развојот и афирмацијата на македонската ликовна уметност. „Да се претстават достоинствено и презентираат соодветно на нивното значење културно-уметничкото богатство на нашата земја творците кои низ вековите и децениите учествуваа во неговото создавање е едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија. Едноставно кажано, со благородна мисија која се подразбира и од самиот назив на нашата институција, да биде зачувано и соодветно презентирано за идните поколенија она што голем број ликовни уметници низ годините наназад го оставија како наш препознатлив културен белег“, истакна таа.

Како што додаде Неделкоска-Брзанова, Владимирски е уметник со карактеристичен ликовен јазик, автор кој на македонската ликовна сцена се појавува во периодот на создавањето на новиот модернистички израз во македонската ликовна уметност, во периодот меѓу двете светски војни од минатиот век. „Владимирски, мирен и ненаметлив како карактер, бил несомнено умерен и посветен автор. Тој, всушност, ѝ припаѓа на првата, т.н. основоположничка генерација на образовани македонски ликовни уметници, на генерацијата на Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман. Како автор се одликувал со посебен ликовен сензибилитет, кој бил високо оценет како од домашната така и од меѓународната критика“, додаде директорката на Националната галерија на Македонија.

Инаку, на изложбата се поставени и систематски организирани повеќе од 70 дела на Владимирски, преземени од институции, приватни сопственици и неговата фамилија. Направен е и пресек на останатите тематски циклуси со кои се занимавал Владимирски, додека пејзажот е застапен во најголем обем досега. Низ изложбата, „духовно“ е присутен и уметникот, благодарение на документарниот материјал (факсимили и оригинални артефакти: нацрти за сценографии, извадоци од весници, награди). Во рамки на изложбата е поставен и еден поинаков медиум, видео, на кое виртуелно можеме да се „влезе“ во делата на Владимирски и да доживееме една можна, понаква – аугментативна реалност и атмосфера врзана со пејзажот и неговото доживување, во кое се иницираат повеќе сензорни дразби и кое истовремено може да „испровоцира“ индивидуално, тет а тет соживување со секое оригинално дело.

На настанот, кој собра бројни љубители на уметноста, беше присутна и ќерката на Владимирски, Марина Владимирска, која исклучително темелно и посветено го чува и документира архивскиот и уметнички материјал на својот татко. (Н.И.Т.)