Кандидатот на ДУИ за претседател, Бујар Османи, прв го осигури своето учество во претседателската трка. Според податоците на Државната изборна комисија, заклучно со вчера, за Османи се потпишале 10 528 граѓани и тој е првиот потврден претседателски кандидат. Од единаесеттемина што собираат потписи за претстојните претседателски избори, уште тројца се блиску до бројката од 10 илјади потписи. Веднаш зад Османи на листата е претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, за кого, заклучно со вчера, својот потпис го дале 8 400 граѓани. На првиот ден од оваа работна недела, најмногу потписи собрал кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, чиј број за само еден ден скокнал за речиси шест илјади потписи – од 1 645 заклучно со неделата, на 7 513 заклучно со понеделникот. За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, која е четврта по бројот на собрани потписи, заклучно со 26 февруари, се потпишале вкупно 6 237 лица, додека за кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, својот потпис го ставиле 4 718 граѓани.
Според податоците на ДИК, Мерсиха Смаиловиќ собрала 696 потписи, а Вело Марковски 682. Другите четворица претенденти едвај, сите заедно, собрале 304 потписи: Ѓорѓи Манасков 186, Зорица Цветковска – 99, Господин Попоски – 19, а кандидатот Томе Николоски сè уште нема ниту еден потпис.
Дел од познавачите за весникот ВЕЧЕР анализираа дека иако динамиката на собирање потписи не е показател за тоа кој кандидат како ќе котира на изборите, сепак, кај помалите партии може да зборува за поддршката што ќе ја добијат на денот на изборите. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека собирањето потписи е партиска логистика и има уште време до 8 март, но ако ги исклучиме главните претенденти, кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кај кандидатите од помалите партии, кои немаат посериозна партиска структура, трендот на собирање потписи да се земе како некаква индиција за тоа како ќе котираат на изборите.
Политикологот Џенур Исени, пак, вели дека апатијата е сеприсутна и, реално, многу е тешко некој да стигне до 10 илјади потписи ако нема голема партија зад себе. Исени смета дека со оваа проблематика се соочуваат помалите партии кај нас, што воедно претставува и одреден тест за тоа како котираат на терен кај обичниот гласач.
Кандидатите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, иако ја имаат привилегијата да влезат во претседатлската трка со 30 пратенички потписи и немаат потреба од граѓански, сепак, најавија дека ќе собираат потписи и од граѓаните. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека на 3 март, за неколку часа, ќе бидат собрани сите потписи за поддршка на нивниот претседателски кандидат, професорката Силјановска-Давкова. Најавите се дека од почетокот на идната недела и актуелниот шеф на државата, Пендаровски, кој повторно ја доби поддршката од СДСМ, ќе го започне процесот на собирање потписи, откако официјално ќе биде потврдена неговата кандидатура на конгресот в недела, на 3 март.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска, на прес-конференција, порача дека Пендаровски го вратил достоинството на функцијата претседател. Таа истакна дека раководството на партијата дало поддршка за втор мандат на Стево Пендаровски, таа поддршка треба да се потврди и преку Централниот и Извршниот одбор и на крај да се официјализира на трети март, на конгрес. Кузеска потсети дека и на претходните претседателски избори, Пендаровски добил поддршка од над 30 политички партии и од различни етнички заедници и изрази надеж дека ќе се случи тоа и овој пат.
– Поддршката за Пендаровски стои и сега од различни етнички заедници, тој има поддршка од различни луѓе, кои знаат да ги вреднуваат работата и трудот на еден човек кој се вложил во мандатот што го имал претходно. Еден од неговите главни адути е тоа што сите граѓани од сите етнички заедници препознаа дека тој работи за сите граѓани, дека не ги дели по ниту една основа, па ниту по партиска основа. Стево Пендаровски го врати достоинството на функцијата претседател на државата и мислам дека на овие избори повторно на дело ќе ја видиме поддршката од граѓаните за него – изјави Кузеска.
Собирањето потписи почна на 23 февруари и ќе трае до 8 март. Идниот претседател на Македонија ќе се избира на 24 април, а вториот круг ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори. (В.С.Н.)