Тодевска за Израел ќе ја облече Ношпал!

348

Тамара Тодевска, овогодишната наша претставничка на “Песна на Евровизија” во Тел Авив, секојдневно ја бомбардира нацијата со деталите од настапот кој за неа е од животна важност, а како што одминува времето, така и песната со која Тамара ќе блесне на евровизиската сцена добива се поголем број обожаватели. Покрај песната која лека полека станува хит, Тамара треба да остави и одличен впечаток со својот изглед, токму со фустанот во кој ќе биде облечена и кој ќе го коментираат над 500 милиони гледачи на овој популарен светски фестивал. За фустанот на Тамара ќе биде задолжен проверениот мајстор во таа област, познатиот моден креатор Александар Ношпал.

На овој креатор ова нема да му биде прво учество на евровизиската сцена. Тој по четврти пат ќе се грижи за изгледот на наш претставник на “Еворвовизија”. Во 2000 година ги стилизираше девојките од групата „XXL“, во 2002 Каролина Гочева, а во 2004 Тоше со “Ангел си ти”, но за костумот на Тоше многумина тогаш му забележале на Ношпал дека не им се допаднала креацијата. Инаку за тие што не знаат, Ношпал е стар пријател со Тодевска. Заедно растеле и другарувале низ скопските улици и кафулиња, а другарувањето продолжува и во професионалниот дел од нивната комуникација. Па, токму затоа да видиме каков фустан на Тамара ќе и сошие овој познат моден креатор. Веројатно дека вечерната/црна/ елеганција ќе биде во прв план. Иако веќе по социјалните мрежи има и такви зајадливи и безобразни коментари кои велат: “Аман веќе, едни те исти, тие па тие, нема други…” Д.М.