И покрај уверувањето од власта дека струјата нема значително да поскапи, сепак експертите не отстапуваат од својот став дека цената ќе се зголеми повеќе од 10 отсто и оти сиот товар ќе падне врз грбот на граѓаните. Првичните пресметки на енергетските компании покажуваат дека струјата ќе поскапи за 38 отсто, но од Регулаторната комисија за енергетика не сакаат да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи. За колку точно ќе поскапи струјата одлуката ќе се знае да крајот на месецов, а граѓаните повисоките јануарски сметки ќе ги добијат во февруари.
– Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената. Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Но, бизнис заедницата и експертите предупредуваат дека не чека тешка зима со драстично повисоки сметки, а товарот од поскапата струја на крај ќе падне врз грбот на граѓаните. Од Стопанската комора за енергетика за да се ублажи ударот од повисоките сметки за струја предлагаат да се укине ДДВ-то за струјата.
-Секако дека поскапата струја најмногу ќе ја почувствуваат граѓаните. За да се ублажи ударот од повисоките сметки за струја предлагаме да се укине ДДВ-то за струјата кое во моментов изнесува 5 отсто за домаќинствата и 18 отсто за компаниите, изјави претседателот на Комората, Ѓорѓи Манасков.
Инаку, Владата минатата година ДДВ на струјата за домаќинствата го намали од 18 на 5 отсто, а сега планира пак да го врати на 18 отсто кое заедно со повисоките сметки за струја и со укинувањето на дневната евтина тарифа дополнително ќе ги осиромаши македонските граѓани.
За стопанството, пак критични се првите три месеци од следната година во однос на енергетската криза, но се надеваат дека Владата ќе остане на најавите да насочи дел од произведената струја во ТЕЦ Неготино директно кон компаниите.
Најголем дел од компаниите заради прекинување на долгорочните договори кои ги имаа со трговците, се префрлија на режимот на плаќање месец за месец, односно на динамична цена која е врзана со берзите се со цел да не потпишуваат долгорочни договори на многу високи цени.
(А.С.)