Сигурно се прашувате кога одите во продавница, на што ви „летнала“ илјадарката. Кога ќе погледнете во кесата за пазарење, ќе видите дека таа е полупразна. Оправдувањето е во инфлацијата, која расте и секој од нас ја чувствува по џебот. Од друга страна, тука се итрите трговци, па дури и производителите, кои со трикови, од ден на ден, ни земаат сè повеќе пари. Тие заработуваат на инфлацијата, а крајниот купувач мора да го плати тоа.
На пример, најчесто купувани производи се прехранбените, но со мерките за гарантирани цени властите ги држат под контрола како-така. Но, што е со другите производи како, на пример, тоалетната хартија. Цените на овој производ вртоглаво растат, па едно големо пакување чини околу 300 денари или нешто над тоа. Граѓаните често пати се во обиколка на маркетите со цел да начекаат нешто поевтино, на акција.
И забележувате дека сте купиле големо пакување тоалетна хартија, а потоа, за неколку дена, повторно купувате. Имате впечаток дека постојано плаќате за истиот евтин производ и наместо да ви останат пари во паричникот, не се случува тоа.
Слично е и со чоколадото. Стограмското чоколадо повеќе не е 100 грама. Забележувате дека цената е, горе-долу, иста, пакувањето е исто, но грамажата не е. Значи, плаќате иста, па дури и повисока цена за помала грамажа. Тоа се случува и со шеќерот.
Исто така, водете сметка кога купувате течен детергент и внимателно прочитајте ја декларацијата. Пакувањето е слично како за литарско, но внатре има 750 милилитри, а цената не е многу променета.
Евтината тоалетна хартија – огромна измама
Војната што се отвори меѓу Израел и Хамас ја потресе светската економија, која и така стоеше на стаклени нозе. Цената на нафтата има драстичен скок, што повлекува поскапување на низа производи и повторно ја одмотува инфлаторната спирала. Светските агенции објавија дека цената на целулозата во Кина постојано расте и експертите прогнозираат дека тоалетната хартија и бришачите би можеле да поскапат во Европа за цели 30 проценти. Поскапувањето на овие производи е надополнето и со скокот на цената на енергенсите, кои се двигател на скапите машини, а кои се неопходни во производството.
Затоа, тоалетната хартија од големите производители има голем процент рециклирана хартија во својот состав, што обично е сконцентриран во средниот слој. Ролната има приближно иста големина како онаа што ја користиме со години и визуелно не се забележува, но има помалку листови и е полна со хемикалии. Се троши побргу, и затоа и почесто се купува.
Овој тренд, кој ги доведува клиентите во заблуда, е присутен на целиот европски пазар, а производителите на рециклирана хартија задоволно ги тријат рацете, додека купувачите несвесно фрлаат пари.
Резултатот е плаќате помалку, добивате уште помалку. Затоа, наместо вакви избрзани набавки, подобро е да купите тоалетна хартија од реномиран производител, бидејќи е безбедна и ја има повеќе во ролни. За да избегнете здравствени проблеми и за да заштедите пари, секогаш проверувајте дали тоалетната хартија што ја купувате е направена од 100 % чиста целулоза.
(С.Бл.)