Три дена Кавадарци пулсираше во знакот на музиката, забавата и на доброто расположение, на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“. Традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација има долга традиција и годинава имаше бројни гости од земјава и од странство

 

Кавадарци и оваа година три дена живееше во ритамот на „Тиквешкиот гроздобер“, кој, традиционално, се одржува секоја година. Секоја карневалска група со своја приказна, секоја убава на свој начин. Многумина од гостите рекоа дека се чувствуваат како да се во Рио де Жанеиро. Традиционалниот карневал во Кавадарци и оваа година со над 500 учесници. Продефилираа 31 карневалска поставка низ улиците на градот, а кралот и кралицата, заедно со градоначалникот Митко Јанчев и со претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, беа дел од оние што го откинаа првиот грозд.

Три дена Кавадарци пулсираше во знакот на музиката, забавата и на доброто расположение, на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“. Традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација има долга традиција, годинава имаше бројни гости од земјава и од странство.

Дел од прекрасната забава беше и детскиот карневал, како дел од традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Како што информираа организаторите на настанот, во детското карневалско дефиле учествувале над 1 700 учесници од сите основни општински училишта во Кавадарци.

– Продефилираа прекрасни маски низ централното градско подрачје, убавина за очите и за душата во рамките на „Тиквешкиот гроздобер 2024″ – рекоа организаторите на настанот, кој беше посетен од голем број луѓе од земјава и од странство.

Во рамките на традиционалниот кавадаречки гроздобер, гостин на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, му беше и амбасадорот  на САД во Србија и поранешен во Македонија, Кристофер Хил, со сопругата Џули.

 

Сегашниот амбасадор на Америка во Србија, Кристофер Хил, остана запаметен и како еден од најголемите пријатели на Македонија, особено поради својата амбасадорска служба во нашата земја во периодот од јули 1996 до август 1999 година. Во саботата, на 7 септември, беше во Кавадарци за да го прослави и празникот – 80 години слободно Кавадарци.

Во Винскиот музеј во Кавадарци, градоначалникот Јанчев имаше прием на гости и на делегации во пријатна атмосфера, со добра музика и со вкусна храна. Меѓу бројните гости беа и владини претставници, повеќемина министри и премиерот Христијан Мицкоски, како и првата дама на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Имаше настани за сите генерации. Настанот започна во петокот, на 6 септември, со голем број забавни, културни, уметнички и спортски содржини. Завршницата беше со голем концерт на Ацо Пејовиќ, кој започна на полноќ, на Градскиот плоштад. Меѓу бројните музичари беа и Барбара Поповиќ, „Некс тајм“, Милица Павловиќ, Огнен Здравковски, Милица Ризо.

Посетителите имаа можност да дегустираат вина од македонски семејни винарници, во Винскиот музеј во Кавадарци 

– Станува збор за специјализиран вински музеј за промоција на винскиот туризам преку музејски предмети, фотографии и колекција на вина за дегустација и за продажба во двете наши винотеки во градот – потсети в.д. директорката Анета Атанасова, нагласувајќи дека континуирано расте интересот за посета на овој музеј, како кај домашните така и кај странските туристи.

Драстичен пад на винското грозје , кажа во Кавадарци министерот Трипуновски, како што  вели, досега се откупени само 53 милиони килограми

Годинава е забележан драстичен пад на производството на винско грозје, објави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, при одбележувањето на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“.

Според неговите информации, досега се откупени околу 53 милиони килограми, што упатува на голем пад, особено ако се има предвид дека се произведувале над 100 милиони винско грозје во земјава.

– Повторно ќе ги вратиме лозарството и винарството да бидат гранка што ќе значи задоволни земјоделци – изјави попладнето министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во Кавадарци, дополнувајќи дека сака и годинава да биде успешна манифестацијата, успешна бербата, да има квалитетно грозје и квалитетно вино со кои Република Македонија со гордост ќе се претставува надвор од границите. 

Досега, согласно со бербата, откупени се некаде околу 53 милиони килограми винско грозје, што е сериозен пад од она што го произведувала некогаш Република Македонија, тоа е накратко поради оние лоши политики во изминатиот период и Македонија денеска да падне на ваква минимална количина.

Знаете дека во минатото сме имале над 150 милиони килограми, од кои се произведувале околу 110 милиони литри вино – подвлече тој.

 Изложба на олдтајмери во организација на Автомото клубот РПМ и на кавадаречката локална самоуправа

Во рамките на традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, во Кавадарци имаше и изложба на олдтајмери, во организација на Автомото клубот РПМ и на кавадаречката локална самоуправа.

Кирил Димитров Урошев, дел од организацијата на настанот, јави дека за изложбата се пријавени педесетина возила од земјава и од странство, но дека се очекува нивниот број да биде поголем на самото место. Најстарите пријавени возила, како што дополни, се од периодот околу 1950 година.

Посетителите на изложбата имаат можност да ги видат изложените примероци, да се фотографираат со нив и да слушнат вистински приказни поврзани со овие миленици на четири тркала, како што знаат да кажат нивните сопственици за нив.

– Се работи за стари возила, но со многу голема вредност за нас самите и за историјата на автомобилизмот. Тие се дел од нашите спомени – вели организаторот.