Менаџерот на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Маурицио Покетино, најпосле собра храброст за да јавно “удри” по клупските челници поради актуелната трансфер политика. Според англиските медиуми, ваквиот потег на аргентинскиот стручњак е јасен сигнал дека Покетино планира да ја промени клупската средина на крајот од актуелната сезона.
Тотенхем за време на летниот преоден рок беше единствениот клуб во Премиер лигата кој не ангажираше ниту еден нов фудбалер.
Популарните “петли” имаат фантастичен прв тим, но проблемите ќе настанат доколку се повреди некој играч кој има статус на стандарден првотимец. Тоа ќе претставува сериозен проблем во вториот дел од актуелната сезона и во елиминациската фаза од Лигата на шампиони.
- Доколку имаме амбиција, да освоиме некој трофеј, тогаш мора да го промениме начинот на кој функционира клубот. Јас имам впечаток дека ние денеска имаме идентична филозофија каква што имавме и пред пет години, кога јас дојдов во Лондон. Можно е да освоиме нешто и со ваквата филозофија, но тоа ќе биде многу тешко. Пред неколку дена, погледнав една интересна статистика која јасно покажа дека Тотенхем е на самото дно кога се во прашање трошоците за ангажирање на нови фудбалери, изјави Покетино.
Сепак, Аргентинецот се обиде да ја смири топката со контатацијата дека и покрај таквата ситуација, Тотенхем бележи одлични резултати.
- Ако се погледнат бројките, тогаш ќе се дојде до констатација дека правиме одлична работа. Сепак, ќе видиме дали можеме да бидеме константни и силни во следните пет години. Кога дојдов во овој клуб, зацртаните цели беа сосема поинакви, но сега клубот е на едно повисоко ниво. Мислам дека мора нешто да промениме, додаде Покетино.
Голем интерес за услугите на аргентинскиот стручњак веќе покажаа раководните лица на Реал (М) и на Манчестер Јунајтед.