Техничките проблеми решени, системот рестартиран, пописот продолжува

39

Софтверската апликација за попишување е апдејтирана и системот е рестартиран за непречено продолжување на пописот на населението и објектите, при што досега се попишани околу 150 илјади граѓани.

Директорот на Државниот завод за статистика(ДЗС), Апостол Симовски вчера информираше дека се прави апдејт и рестартирање на процесот за да се отстранат било какви проблеми во иднина.

„Секогаш кога работите со технологија можни се вакви случаи, тие беа предвидени однапред и затоа има цела екипа и од провајдерот на апликативното решение и од провајдерот на интернет конекцијата, постојана екипа којашто е спремна да интервенира, луѓето интервенираа и еве се отклонуваат работите, изјави Симовски.

Тој оцени дека пописот има добар прием кај населението и работите се одвиваат без проблеми. За лицата кои се во изолација, попишувачите ќе добијат адреси и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според протоколите или ќе се договорат и ќе почекаат додека лицето излезе од изолација.

Попишувачите ангажирани за потребите на пописот имаат специјални овластувања издадени од ДЗС и брендирани маици кои го содржат логото на Попис 2021. Тие најпрвин треба да го покажат овластувањето и со својата лична карта да се идентификуваат, а доколку лицето нема такво овластување ДЗС апелира граѓаните да не го примат во својот дом.

Европската комисија ги охрабри сите во земјава да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.

Можноста за самопопишување на лица во странство, до вторникот ја искористиле  191.890 лица.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во државава, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.