Терористички напад во Сомалија: Најмалку 32 мртви

36

Најмалку 32 лица загинаа, а речиси 63 се повредени во напад на плажа во главниот град на Сомалија, Могадишу, изјави во саботата портпаролот на полицијата Абдифатах Адан Хасан.

Тој додаде дека дел од повредените се во критична состојба, пренесува Танјуг.

Од службите за итна помош претходно беше соопштено дека во нападот загинале најмалку осум лица, а 28 се повредени.

Вооружената група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот во петокот, пренесе АП.

Напади во Сомалија
Групата е поврзана со Ал Каеда и го води бунтот против сомалиската влада поддржана од Обединетите нации речиси 20 години.

Според изјавите на очевидците и локалните власти, се слушнала експлозија и истрели, а очевидецот Моамуд Моалим за АП изјавил дека го видел напаѓачот опкружен со експлозив неколку моменти пред да се разнесе во близина на хотелот, на популарната плажа Лидо.

Сомалиската новинска агенција објави дека безбедносните сили ги „неутрализирале напаѓачите“.

Плажата Лидо беше мета на членовите на Ал Шабаб и во претходните години.

Минатата година девет лица беа убиени во нивниот напад на тоа популарно место меѓу населението во Могадишу.