Теоретичарот на заговор кој ја обвини канадската влада за подметнување пожари, призна дека тој самиот ги подметнал

76

Теоретичарот на заговор од Канада по име Брајан Паре, кој на социјалните мрежи тврдеше дека владата во Отава намерно подметнува пожари во таа земја, се изјасни за виновен за подметнувањето 14 пожари кои протераа стотици луѓе од своите домови минатата година, јавува Си-Ен-Ен.

Паре се појави пред судот во Квебек во понеделникот и призна дека подметнал 13 пожари, како и еден пожар во кој покажал недостаток на грижа за човечкиот живот, помеѓу мај и септември минатата година.

Обвинителката Мари-Филип Шарон изјави дека еден од пожарите зад кои стои Паре довел до евакуација на околу 400 луѓе, жители на малиот град Чапе во Квебек.

Најголемиот пожар што Паре, според неговата исповед, го подметнал, проголтал повеќе од 870 хектари шума и вегетација.

„Господинот Паре не се сеќава на сите пожари што ги запали, така што во моментов имаме 14 пожари“, рече Шaрон и појасни: „Можно е да подметнал повеќе, но немаме доказ за тоа“.

Според неа, полицијата и пожарникарите станале сомнителни кога за краток временски период се појавиле бројни пожари без опиплива причина.

Полицијата се заинтересирала за Паре откако бил забележан во близина на неколку пожари и пронашла неколку негови објави на социјалните мрежи во кои ја обвинува канадската влада за намерно палење пожари за да ги натера луѓето да веруваат во климатските промени.

„Според полициските докази, обвинетиот објавил на интернет многу теории на заговор за пожарите и вмешаноста на владата во евентуалното подметнување на тие пожари“, рече обвинителот.

Со добивањето дозвола за прикачување предавател на автомобилот на Паре, полицијата можеше да ги следи неговите движења до локациите на другите пожари.

При апсењето во септември, тој призна дека подметнал некои од тие пожари.

Во Канада во текот на 2023 година изгоре рекордна површина под шуми – пожарите изгореа околу 18,4 милиони хектари, што, како што пишува SNN, е површина приближно со големина на американската сојузна држава Северна Дакота, а чадот од запалените шуми стигна до градовите во САД, па дури и до бреговите на Европа.

Теоретичарите на заговор долго време се заинтересирани за пожарите, кои тврдат дека тие се подметнати од влади, климатски активисти, па дури и ласери кои наводно работат од вселената.

Минатогодишните шумски пожари без преседан на територијата на Канада предизвикаа бран на дезинформации, покажуваат податоците на глобалната коалиција Климатска акција против дезинформации. Еден од заговорите е дека пожарите биле намерно подметнати за исплашените луѓе да ја поддржат борбата против климатските промени.

Некои од овие теории се дури и изнесени од истакнати јавни личности, како што е поранешниот канадски министер за надворешни работи Максим Берние, кој тврдеше дека „добар број“ од тие пожари најверојатно биле подметнати од „зелени терористи кои сакаат поттик за нивната кампања за климатски промени. ”

Агенцијата за пожари во Квебек проценува дека молњите одиграле огромна улога во подметнувањето на минатогодишните пожари и дека широко распространетата суша во комбинација со молњите за време на бури придонела за минатогодишната историска сезона.

Се верува дека климатските промени придонесоа сушите во Канада да бидат двојно почести од порано.