Тензично во Јужна Кореја: Претседателот прогласи вонредна состојба, парламентот набрзо ја укина

1432
Фото: EPA-EFE/YONHAP SOUTH KOREA OUT

Јужнокорејскиот парламент гласаше за укинување на вонредната состојба што претходно денеска ја прогласи претседателот Џун Сук Јеол.

Јун прогласи воена состојба за наводно елиминирање на антидржавните сили додека се бори со опозицијата, која го контролира парламентот и која тој ја обвинува дека сочувствува со комунистичка Северна Кореја.

Овој потег веднаш го осудија опозицијата и лидерот на конзервативната партија на Јун.

Набргу по најавата на Јун, војската на Јужна Кореја објави дека парламентот и „политичките собири кои би можеле да предизвикаат социјална конфузија“ ќе бидат суспендирани, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Војската, исто така, рече дека лекарите кои штрајкуваат треба да се вратат на работа во рок од 48 часа.

Илјадници лекари со месеци штрајкуваат поради планот на Владата за зголемување на бројот на студенти на медицинските факултети.

Војската соопшти дека секој што ќе ја прекрши наредбата може да биде уапсен без посебен налог.

Според јужнокорејскиот закон, вонредната состојба може да се укине со мнозинство гласови во Парламентот, каде мнозинство има опозициската Демократска партија.

Претседателот на Собранието Ву Вон Шик во изјава на Јутјуб ги повика сите пратеници веднаш да се соберат пред Собранието, а припадниците на војската и полицијата да останат смирени и да ги задржат своите позиции.

Фотограф на Асошиетед прес видел најмалку три хеликоптери, веројатно воени, како слетале во просториите на Собранието, додека уште два или три хеликоптери кружеле над зградата.

Чо Кук, лидерот на помалата опозициска партија, рече дека нема доволно пратеници да го отфрлат прогласувањето на вонредна состојба, бидејќи полицијата го блокираше влезот.

Лидерот на конзервативната „Партија на моќта на народот“ на Јун, Хан Донг-Хун, ја нарече одлуката за воведување вонредна состојба погрешна и вети дека „ќе ја прекине заедно со народот“.

Опозицискиот лидер Ли Јае-Мјунг, кој загуби од Јун на претседателските избори во 2022 година, ја нарече најавата на Јун незаконска и неуставна.

 

 

 

Јун рече за време на телевизиското обраќање дека вонредната состојба ќе помогне „да се врати и заштити земјата од паѓање во длабочините на националната пропаст“.

Тој исто така рече дека ќе ги искорени просевернокорејските сили и ќе го заштити уставниот демократски поредок.

„Ќе ги отстранам антидржавните сили што е можно поскоро и ќе ја нормализирам земјата“, рече тој, барајќи од народот да му верува и да „толерира некои непријатности“.

 

Јун, чиј рејтинг на одобрување опадна во последниве месеци, се бореше да ја протурка својата агенда низ парламентот контролиран од опозицијата откако ја презеде функцијата во 2022 година.

Потегот на Јун е прво прогласување вонредна состојба по демократизацијата на земјата во 1987 година.

Последната вонредна состојба во земјата беше воведена во октомври 1979 година.