Педесетина текстилни работнички од штипската конфекција „Алкон-текст“, кои се на принуден одмор денеска протестираа пред фабриката, барајќи си ги неисплатените плати и порачаа дека не ги потпишуваат документите да бидат префрлени во друга фирма.
На протестот беа работнички, кои за само неколку месеци треба да заминат во пензија, млади, но и бремени жени. Билјана Кафатнова работничка во „Алкон-текст“ вели дека протестот го организирале, поради скратените права од работен однос и право на егзистенција од нивниот труд, кои им ги дава Уставот, како највисок орган
-Бидејќи ги истрошивме сите механизми за да ни се исплати плата во законски предвидениот рок согласно законот за работни односи, го правиме овој протест со цел да ја известиме јавноста, институциите и работодавецот, дека е незаконско ваквото кршење на нашите права и доцнење на плата особено во време на ваква економско-социјална и здравствена криза. Работевме во карантин без прекини, луѓе се разболуваат, откази се делеа, притисок и мобинг стана секојдневие, платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, за преку старите да се ослободат од „вишокот“ вработени. Субвенции од државата редовно се земат, само за нас Нема. Нека овој протест е за сите. Да не молчат и да се борат за своите права, своите плати, кои иако се мали, тешко се заработени, порача Кафтанова.
Јордан Ефремов претставник на конфекцијата, која работи во објектот со забелешка дека работничките и новинарите биле ненајавени и неинформирани оти фирмата „Алкон-текст“ од април не е закупец на овој простор.
Поддршка на протестот дадоа Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип и претседателот на Конфедерација на самостојни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, кои побараа од институциите да излезат на терен и да видат како се прави трансфер на капитал од една во друга фирма.
-Сигурно дека овде треба да влезат претставници на Финансиска полиција и по допрен глас и јавното обвинителство, да видиме што се случувало во оваа фирма и зошто овие работници останале без работа, а дел од работниците се вработени во фирма во исти објект, вели Ралповски.
Ампева забележува дека пред извесно време од страна на Трудовиот инспекторат беа поништени над 250 спогодби, но по една недела на работниците им се доставени нови договори во кои се бара од работниците да ги потпишат, со што од една во друга фирма ќе бидат префрлени.
-Да точно имаме криза, но имаме еден куп текстилни фирми кои имаа деловни проблеми при работењето и треба да дадат отказ поради деловни причини, на овој начин не може работниците да се уценуваат. Значи ги губат нивните права, ако им дадат отказ не им следува испратнина. Ова се случува во други фирми, но даваат отказ и им се исплаќа испратнина на работниците согласно нивниот стаж, вели Ампева.
Текстилните работнички пред фабриката во која работеле со години мирно ќе протестираат и наредните денови.