Тезгите затворени, пазарџиите на протест

72

Пазарџиите ги напуштија тезгите и наместо да продаваат излегоа на протести. Продавачите од зелените пазари во Скопје ги блокираа улиците, а голема сообраќајна гужва има на Бит пазар. Тие се незадоволни од новиот Закон за продажба на зелените пазари кој од продавачите кои имаат тезги бара да платат годишна лиценца од 60 евра.

Ова законско решение според здруженијата на трговци и продавачи на пазарите ќе придонесе за намалување на бројот на закупени тезги. Тие пренесуваат дека веќе на зелените пазари има се помал број на трговци.

Исто така проблематични се одредбите кои забрануваат пензионери, вработени, хонорарци и приматели на социјална помош да продаваат на зелените пазари. Сите забелешки се упатени до министерството за економија кое е надлежно за регулирање на оваа област, но засега нема најави дека ќе се поднесат амандмани или нов предлог закон.

Единствено, министерот за економија Бектеши посочи дека неговиот ресор може да изработи нови правилници како подзаконски правни акти.

Од комората на трговци кажаа дека законот веќе почнал да се спроведува, и уверуваа дека ова е добро законско решение. Сепак издавањето на лиценци оди слабо – досега издадени се околу 50.

Пазарџиите од Зелениот пазар и Бит-пазар излегоа на протест. Тие велат дека лиценци не вадат, и дека инспекции на пазарите се уште нема, но веќе се забележува дека тезгите на пазарите се се попразни.

– Нема да склучуваат нови договори за закуп на тезги. Со дописи до економскиот тим на Владата, како и самиот премиер, ќе бараат законот да се одложи или измени, велат пазарџиите.