За весникот ВЕЧЕР со најпопуларната балканска пејачка Теа Таировиќ пред скопскиот концерт на 30 ноември….
Конечно ќе ми се оствари долгогодишната желба:да одам во Крушево на гробот на Тоше. И во спомен-музејот. Никогаш не сум била и тоа постојано тлееше во мене. Тоше беше, а според мене и остана еден од најдобрите музички имиња на Балканот!
Многу згодната пејачка Теа Таировиќ не мора ниту да ја сакате, ниту да ја мразите, но мора да ѝ ја признаете и капата „да и ја симнете“ поради нејзината мегапопуларност на Балканот. За неа „скромно“ ќе кажат дека е новата Цеца Ражнатовиќ, која патем речено, и дојде неодамна на концертот на белградскиот „Ташмајдан“, за да ја поддржи во тоа што го работи на естрадата и со што ја освојува публиката. Очигледно дека целата таа фама која се случува околу Теа, заслужува внимание. Станува збор за огромен број нејзини обожаватели, со се сите концерти кои ги имаше оваа година. Цифрата се движи над 100 илјади луѓе кои и доаѓаат на настапите. Феноменално и позитивно збунувачки!
На нашето прво прашање дали и таа е збунета од толку многу народ, како и од присуството на големата Цеца Ражнатовиќ, на нејзиниот концерт, Теа ни даде скромен одговор, бидејќи и самата е видливо скромна
-Да, повеќе сум збунета отколку што сум скромна. Кога ја видов Цеца Ражнатовиќ како гостинка во публиката на мојот белградски концерт останав без здив. Самата се прашав, со што го заслужив нејзиното внимание? Сепак, Цеца е име во светот на естрадата на овие балкански простори. Морате да направите нешто навистина големо со своето пеење, со песните за да ја станете Цеца од дома, да ви дојде на концерт. Воопшто се прашувам, толку ли сум јас некоја значајна личност кога можам да привлечам огромен број луѓе. Како да сонувам, како мене тоа да не ми се случува.
–
0 Како се чувствуваш кога настапуваш во Македонија и што може да очекува публиката во „Борис Трајковски“ на 30 ноември?
-Овде кај вас, како по дома. Навистина е така, не ве фолирам, моето чувство е такво. Македонија е мојата втора куќа. Навистина имам премногу патувано, но тука во Македонија сè ми е убаво. Интересно е што дури ни новинарите не се провокативни како во Србија. Кај нас во Србија има и многу новинари кои свесно поставуваат безобразни прашања. Секогаш со задоволство се враќам и секогаш сум одлично пречекана од публиката во Македонија, во најмала рака, како да сте ми роднини, така што македонската публика од мене може да го очекува пред сè да и го дадам моето срце. Ме разбирате, нели?
Песните ги пеам од срце, па така ќе биде и на 30 ноември во Скопје. Публиката овде многу добро знае дека го има моето срце само за нив, ние многу добро се познаваме и разбираме. Интересно е кога настапувам некаде во Европа, поголемиот дел од публиката е македонска! Нема толку луѓе ниту од Србија. Така што моите Македонци многу добро знаат што значи да си гостин на забавата на нивната Теа Таировиќ.
0 Тоа зборува дека публиката за 30 ноември ќе треба мошне добро да се подготви за двочасовната забава, да се „вооружа“ со кондиција, ќе треба сето тоа да се издржи до крај?
-Токму така. Настапот во „Борис Трајковски“ воопшто не е наивен, не е „тезгарошки“, работам професионално, кој многу бара како сценска, така и сценографска, а најмногу физичка подготовка. Скопскиот концерт е дел од мојата голема турнеја насловена по хитот „Нека гори Балканот“, која ќе трае до мај 2025 година. Потоа планирам, здравје боже, да заминам на еден подолг заслужен летен одмор на некое далечно море. И јас сум чувствителна, здравјето ми е на првото место, а морето максимално ме преродува.
–
0 Што е тоа нешто другото кое силно те привлекува кога си во Македонија?
-Момчињата, хахахааа… се шегувам. Но и вистина е дека имате убави момци Македонци. Јас и онака си имам веќе свое сакано момче. За вашите момци пофално кажуваат и другите мои колешки-пејачки. Тоа е таа јужњачка машка убавина. Топлото сонце си го прави своето. Што се однесува до храната кога сум во Македонија не можам а, да не јадам тоа специфично тавче-гравче. Сепак, најмногу го сакам македонското бело вино, тоа во неколку наврати и порано го имам кажано. Македонија е богата со вината, со превкусна храна. Имам пробано најлути пиперки кои воопшто некогаш сум ги јадела. Љубителка сум на лутото, но кога ја пробав најлутата пиперка тука во Македонија, верувајте ми дека ушите сè уште како да ми се зацрвенети.
0 Пред скопскиот концерт, деновиве, ќе го посетиш нашето Крушево сè поради неизмерната почит која ја имаш кон Тоше Проески?
–
-Мило ми е што таа долгогодишна желба конечно ќе ми се оствари: да одам во Крушево на гробот на Тоше. И во спомен-музејот. Никогаш не сум била и тоа постојано тлееше во мене. Се надевам дека ќе се воздржам колку што ќе можам од напливот на емоции и солзи. Тоше беше, а според мене и остана еден од најдобрите музички имиња на Балканот!
На сите нам ни останува уште само да бидеме трпеливи до 30 ноември кога и организаторите „Балкан-медиа“ ветуваат тоа што и самата Таировиќ. Одличен провод, „за сите пари“, на мега-журка во арената „Борис Трајковски“.
Дуле МИЌИЌ