Театарскиот џин покрај Вардар оставен да пропаѓа, ќе се бара одговорност; Министерот Љутков во посета на МНТ

900

-Состојбата со театарот кој е во распаѓање трае веќе седум-осум години. Иако се знаеле позициите каде има проблем, и иако во текот на годините имало обезбедено средства за поправки и преправки, тоа не се случило. Можам да заклучам дека со тенденција се држел МНТ да изгледа во ваква очајна состојба, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при неговата посета на најголемата театарска институција во државата

Штетите настанати од прокиснување на терасите од северната и јужната страна на најголемата театарска институција во државата, кога при дожд водата преку ѕидовите и столбовите понира низ објектот и видливо оштетува дел од фоајето беше во фокусот на денешната работна посета на министерот за култура и туризам Зоран Љутков на Македонскиот народен театар. Состојбата, која не е непозната, а што беше презентирана пред медиумите беше протекување на таванот на повеќе локации низ театарот, столбови низ кои понира дождовницата која доаѓа од терасите, фасадата или покривот, излупени и изронети внатрешни ѕидови како и руинирано фоаје кое личи на сцена од апокалиптичен филм.

-Дел од фоајето е затворено и небезбедно, не е решено ништо, и не знаеме во кој момент некое дете или некој од публиката може да влезе таму, што е страшно. Со секој поголем дожд или поголемо невреме, МНТ е во сè поголема опасност. И за жал, од година во година штетите стануваат сè поголеми, рече в.д. директорот на МНТ, Никола Кимовски, презентирајќи ја состојбата на објектот пред министерот Љутков.

Според Кимовски, работната обиколка на министерот за култура на МНТ е од особено значење бидејќи во претходните седум години, театарот го нема посетено ниту еден министер за култура.

-На оваа проширена работна обиколка не само што ќе се утврдат штетите настанати во претходниот период, туку и соработката со министерството за култура и спонзорите за решавање на проблемите кои ги имаме во моментов околу објектот. Состојбата како што видовте е очајна. Буквално во последните години најголемиот театар во Македонија е оставен бавно, но сигурно да пропаѓа, односно да умира, иако знаеме дека имало некои средства кои би помогнале за санација. Независно кој го изградил овој театар, станува збор за недомаќинско работење од страна на претходната власт. Тоа значи покажување и негрижа и нехуманост за безбедноста на верната публика, која во голем број го посетува театарот, односно објектот кој полка се распаѓа. Да се инвестирало секоја година по малку, од левата или десната страна на терасите, и доколку систематски се работело, сега би биле во поинаков објект, додаде Кимовски истакнувајќи дека со дадената доверба да стане в.д. директор на оваа институција дал ветување дека ќе се обиде да го „разбуди заспаниот џин што е ранет покрај реката Вардар“, реферирајќи на МНТ.

Кимовски посочи и дека од неговото назначување интензивно се работи во насока на „будење на МНТ“, при што досега се реализирани три проекти: летната сцена Славиша Кајевски, две премиери „Бели ноќи“ на Звездана Ангеловска и „Марта Верина“ во режија на Нина Николиќ, а во моментов се подготовките и на претставите „12“ во режија на Синиша Ефтимов, „Бог на колежот“ во режија на Весна Петрушевска, како и „Замисли нов свет“ во режија на Нела Витошевиќ. Најави и дека следната година МНТ ќе го одбележува јубилејот 80 години со издавање на театарска монографија и премиера.

Како што изјави министерот Љутков, пак, при посетата на МНТ затекнал две состојби, од едната, која е поврзана со проектите и менаџирањето е задоволен, а од другата поврзана со објектот – шокиран.

-Не дека не ги знам состојбите, но состојбата со театарот кој е во распаѓање трае веќе седум-осум години. Иако се знаеле позициите, каде капе, тече, и каде има проблем, и иако во текот на годините имало обезбедено средства за поправки и преправки, тоа не се случило во овие седум години. Можам да заклучам дека со тенденција се држел МНТ да изгледа во ваква очајна состојба. Актерите добиле прекрасна зграда, изградена со љубов, не велам дека немало пропусти во градењето, но од 2017 година наваму морало да се интервенира (чистење на олуци, одржување на покривот) за да не се случи оваа грда слика, рече Љутков, истакнувајќи и дека буџетот за продукција на МНТ достигнувал и 20 и 14 милиони денари, а од година на година се намалувал, за оваа да стигне едвај 4 милиони денари.

Како што додаде тој, продукциски и инвестициски се уништувала институцијата и дека не може за шест месеци да се направи чудо.

-Но ветувам дека со секоја година во иднина и во делот на инвестициите и во делот на програмата, и со менаџери кои ги имаме, ќе го разбудиме „заспаниот џин легнат покрај Вардар“ и ќе го вратиме сјајот на институцијата. Можеби ќе оди побавно, но ќе биде квалитетно, рече министерот.

Тој додаде дека ќе се бара одговорниот за ваквите состојби за несовесното работење.

-Ако вие имате обезбедено средства за инвестиции, и не инвестирате или ако ви се појави проблем и не интервенирате тоа значи дека несовесно сте си ја вршеле својата работа. Одговорност мора да има за оваа ситуација, истакна министерот.

Прашан за тоа кои се приоритетните чекори кои треба да се направат за да се санира ситуацијата, Љутков посочи дека тоа е затворање, застаклување на терасите од левата и десната страна, а потоа фаза по фаза би се санирала штетата која е голема, а е направена од протекувањето. Една од поголемите ставки е и фасадата која заради протекувањето претрпела голема штета и која се распаѓа, ги полни олуците и така водата понира низ целиот објект.

Министерот ги посети и пробите на претставите „Замисли нов свет“ и „12“. (Н.И.Т.) фото: П. Стојановски 

Работни групи работат на случајот со Универзалната сала

„Неколку работни групи работат на случајот со Универзалната сала. Јас лично се заложив и најголем дел од времето го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура се измени и дополнувања на постојниот Закон за култура и се надевам дека до крајот на месецот ќе се донесе“, изјави вчера министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговарајќи на новинарски прашања. Тој посочи и дека се чека да поминат измените на Законот, кој предвидува Министерството за култура и туризам освен националните установи, да може да гради и локални установи или градски установи. Според него имаат три до четири клучни точки кои го стопираат процесот, но се надева дека брзо ќе бидат откочени.

„Верувајте, работиме многу експедитивно и многу брзо, но сепак тоа се некои административни процедури и задачи коишто ги даваме, а за кои треба да помине малку време додека да се пристапи до нив“, рече министерот, кој додаде и дека се надева дека постапката ќе заврши до локалните избори, бидејќи веќе се распишани тендерите.