Тврдењата дека инспектори од АХВ извршиле масакр врз птиците без налог се невистинити

Од надлежен официјален ветеринар е спроведен надзор и наредени се мерки за надзор на болеста, согласно со Законот за ветеринарно здравство и со Правилникот за мерки за спречување и искоренување на болеста авизарна инфлуенца (вирус на птичји грип) – потенцираат од Синдикалната организација при Зоолошката градина. Оттаму сметаат дека низата инциденти што се случија во последно време во Зоолошката градина, се политички мотивирани и најавуваат преземање законски мерки против лицата што ги снимиле и ги објавиле видеоматеријалот и фотографиите со вознемирувачка содржина, бидејќи, како што тврдат, тие биле пуштени во медиумите и на социјалните мрежи без согласност на лицата што се поврзуваат со материјалот. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека вработените во Зоолошката градина се сомневаат оти објавата на која реагирале од Синдикалната организација во ЗОО е, всушност, на Град Скопје, како и дека многу работи воопшто не кореспондираат со вистината. Тој објасни дека човек што се претставил дека доаѓа од Град Скопје, снимал и давал отпор пред полициските службеници, кои се обиделе да го спречат да го прави тоа

21

Вработените од Зоолошката градина ќе преземат законски мерки против лицата што ги снимиле и ги објавиле видеоматеријалот и фотографиите со вознемирувачка содржина, бидејќи, како што тврдат, тие биле пуштени во медиумите и на социјалните мрежи без согласност на лицата што се поврзуваат со материјалот. Од Синдикалната организација на СОНК при Зоолошката градина велат дека упадот на нивната фејсбук-станица и во нивната електронска пошта, преку која било испратено соопштението на фејсбук-страницата на ЗОО, ја прелеало чашата.

Токму затоа, како што велат од Синдикалната организација при Зоолошката градина, ги демантираат таквото соопштение и информациите во него дека во Градината влегле лица без документи, со оружје и извршиле масакр врз птиците.

– Тврдењата во соопштението дека инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), придружувани од лица со оружје, упаднале во 3ОО Скопје и извршиле масакр врз птиците, без налог, решение или друг доказ – се невистинити. Постапката беше уредно спроведена, со соодветна документација, согласно со закон. Имено, од надлежен официјален ветеринар е спроведен надзор и наредени се мерки за надзор на болеста, согласно со Законот за ветеринарно здравство и со Правилникот за мерки за спречување и искоренување на болеста авизарна инфлуенца (вирус на птичји грип) – потенцираат од Синдикалната организација при Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека АХВ наредила и мерки за дезинфекција, испитување на другите птици во 3ОО, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се спречат болеста и нејзиното ширење надвор од Градината, кај животните и кај луѓето.

Од Синдикалната организација потенцираат дека низата инциденти што се случија во последно време во Зоолошката градина, се политички мотивирани.

– Би сакале, како вработени во ЗОО Скопје, да jа известиме јавноста и да се оградиме од сите политички злоупотреби што се ставаат на наш грб – велат од Синдикалната организација при ЗОО.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека демантoт од Синдикалната организација на СОНК при Зоолошката градина е креиран од вработените во Зоолошката кои, иако постапиле согласно со сите протоколи, биле изложени на јавен линч.

Тој додава дека вработените се сомневаат оти објавата на која реагирале е, всушност, на Град Скопје, како и дека многу работи воопшто не кореспондираат со вистината.

– Демантот е креиран од вработените што учествуваа во настанот, квалификуван во јавноста како немил и хорор. Тие се почувствуваа како да се поставени на линч од јавноста. Вработените реагираат за незаконските снимање и објавување фотографии и видеа, за кои дополнително, со коментари и текст, јавноста беше поттикната за таквиот однос кон нив – изјави Неделков.

Тој објасни дека човек што се претставил дека доаѓа од Град Скопје, снимал и давал отпор пред полициските службеници, кои се обиделе да го спречат да го прави тоа.

– Тој, од сила на власт на Град Скопје, се спротивставил и кажал дека може да го прави тоа и дека има право да го прави. Тоа се тие некои внатрешни препукувања меѓу Зоолошката градина и Град Скопје, кои траат веќе неколку години. Можеби, на две раце се бројат директорите што се назначени и експресно сменети, со еден куп трагични загинувања, пцовисување животни, со што оваа, за нас, многу значајна институција се става на маргините на своето функционирање, сè на грбот и на сметка на вработените, кои трпат огромна штета – истакна Неделков.

Поради утврдувањето на појавата на птичји грип кај гуска во Зоолошката градина во саботата, беше затворена за посетители. А, така ќе остане вкупно 21 ден.

По спроведените тестирања и по извршените следења на вработените во Зоолошката градина, од Институтот за јавно здравје е утврдено дека нема заболен од птичји грип.

Посетители на скопската Зоолошка градина бараат да се тестира за птичји грип

Посетителка на скопската Зоолошка градина побарала да се тестира за птичји грип. Информацијата ја потврди директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.

Жената прво отишла на Инфективната клиника, од каде што ја препратиле во Институтот за јавно здравје. Таа била тестирана и е негативна на вирусот.

 – По последните случувања, веројатно ,луѓето се вознемирени и очекуваме дека во следниот период ќе имаме луѓе што ќе доаѓаат со или без упат и ќе сакаат да бидат тестирани за птичји грип – вели Андоновска.

Таа додава дека нема простор за паника кај раѓаните.

– Штом вработените, кои секојдневно биле во контакт со животните во Зоолошката, се негативни на тест за птичји грип, многу се мали шансите некој од посетителите да го има вирусот – тврди таа.

И директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Фадил Цана, посочи дека нема простор за паника кај граѓаните кога е птичјиот грип во прашање. Тој нагласи дека, како што е состојбата моментално, нема простор за паника ниту за сезонски, а камоли за птичји грип.

(А.П.)